„Не пиј кога возиш“, превентивна активност на СВР Охрид
Изминатиов викенд, Отсекот за превенција при СВР Охрид, на подрачјето на Охрид, ја реализираше едукативно-превентивната кампања – „Не пиј кога возиш“.
Целта на кампањата е насочена кон подигнување на степенот на безбедносна култура и на свеста кај граѓаните за зголемена внимателност и будност кај сите учесници во сообраќајот а пред се кај возачите на моторни и други возила што треба да придонесе за повисока безбедност во сообраќајот. Притоа, полициските службеници од Отсекот за превенција, во соработка со полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата Охрид и со Републичкиот совет за безбедност на сообраќај на патиштата, на повеќе пунктови во градот и во приградските населби, на возачите на моторни возила и другите учесници во сообраќајот, низ непосредна комуникација им укажуваа на доследно придржување кон правилата и прописите во сообраќајот, почитување на поставената сообраќајна хоризонтална и вертикална сигнализација, исклучиво придржување кон дозволената брзина на движење со моторни возила и некористење мобилни телефони во текот на возењето. Посебно беше посочено дека, управување моторно возило под дејство на алкохол нема да биде толерирано и дека законските санкции, во такви случаи, ќе бидат доследно и неселективно применувани. На возачите на моторни возила, им беа поделени летоци и друг едукативен материјал со низа практични совети кои водат кон јакнење на личната, но и на безбедноста на другите учесници во сообраќајот.
Истовремено и полициски службеници од полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата при ОВР Кичево, на подрачје на Кичево ја спроведоа едукативно-превентивната кампања „Паркирај совесно, паркирај одговорно”. Полициските службеници во непосредните контакти со возачите на моторни возила како учесници во сообраќајот, укажуваа на потребата и законската обврска за одговорно придржување до законските одредби за безбедност во сообраќајот. Воедно, на возачите им беа делени едукативни летоци изработени во соработка со РСБСП.
![](https://www.webohrid.com/wp-content/uploads/2025/02/viber_image_2025-02-10_14-20-56-762.jpg)
![](https://www.webohrid.com/wp-content/uploads/2025/02/viber_image_2025-02-10_14-21-02-055.jpg)
![](https://www.webohrid.com/wp-content/uploads/2025/02/viber_image_2025-02-10_14-21-07-142.jpg)