23/11/2024
Македонија

Недела на иранскиот филм во Кинотеката на Македонија

Во Кинотеката на Македонија од вчера (22 јануари) до 27 јануари ќе се одржи филмскиот циклус посветен на современиот ирански филм…

Во рамките на манифестацијата ќе бидат прикажани шест филмски остварувања од поновата иранска продукција, од признати ирански режисери, директори на фотографија и познати актерски имиња кои имаат значајно место во светската кинематографија и имаат освоено голем број фестивалски награди.

Ќе бидат прикажани филмовите: „Слаткиот вкус на имагинацијата“ во режија на Камал Табризи (22 јануари), „Еднаш, љубов и предавство“ во режија на Давуд Бидел (23 јануари), „Базен за сликање“ на Мазиар Мири (24 јануари), „Сосема сам“ во режија на Ехсан Абдипур (25 јануари), „Коцка шеќер“ во режија на Реза Миикарими (26 јануари) и „Толку блиску, а толку далеку“ во режија на Реза Миркарими (27 јануари).

Иранската кинематографија е една од најистакнатите светски кинематографии, а иранските филмови се препознатливи по својот реализам, непретенциозност и едноставност во изразот. Но, преку тие навидум мали приказни се рефлeктира не само иранското општество туку и некои универзални човекови дилеми.

Програмата се реализира со помош на Амбасадата на Исламска Република Иран во Скопје во чија селекција се и филмовите. Влезот за проекциите е бесплатен.