22/11/2024
Македонија

Неформален регионален состанок на директорите на Царинските управи од Западен Балкан

Во период од 30 ноември до 1 декември 2017 година, во организација на Царинската управа на Република Македонија и со поддршка на УСАИД и Светска Банка/IFC, во Скопје се одржa неформален регионален состанок на директорите на Царинските управи од Западен Балкан.

Главната цел на состанокот беше подготовка на заеднички пристап на Царинските служби од регионот со цел унапредување на економската соработка во Западен Балкан, во контекст на Берлинскиот процес и Самитот во Трст што се одржа во јули 2017 година каде беше изготвен повеќегодишен акциски план за справување со проблемите со кои се соочува Западен Балкан, преку прифаќање на идејата за создавање на регионална економска област и ЕУ фондови за поддршка на инфраструктурата во овие земји.

Покрај високи претставници на Царинските управи на Македонија, Црна Гора, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово, на Неформалниот сосатнок присуствуваа и високи претставници на УСАИД, Светска Банка, Секретаријатот на ЦЕФТА и Советот за регионална соработка.

Како резултат на поддршката на Владата на Република Македонија на идејата за создавање на регионална економска област, на 30 ноември 2017 година пред учесниците на Неформалниот состанок поздравно обраќање имаше Претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Зоран Заев, кој истакна дека Царините имаат клучно значење во обезбедувањето непречен проток на трговијата, примена на потребните контроли, заштита на здравјето и безбедноста на граѓаните и дека отворањето на царинските служби од Западен Балкан за меѓусебни консултации, координации и активности ќе го олесни протокот на стоки, услуги, капитал и висококвалификувана работна сила.

Обраќање имаше и министерот за финансии г-дин Драган Тевдовски, кој посочи дека со воспоставување на регионална економска област ќе се постигне еден единствен заеднички пазар, каде движењето на стоката ќе биде значително олеснето, а за тоа да се случи потребна е институционална подготовка и зајакнување на Царинската управа, што е предвидено со Програмата за управување со јавните финансии 2018-2021 на Министерството за финансии.

Свое обраќање имаше директорот на Царинската управа на Република Македонија г-дин Ѓоко Танасоски, кој истакна дека взаемната соработка помеѓу царинските служби претставува многу важен сегмент за успешно работење и дека размената на мислења, искуства и најдобри практики, во царинското работење води кон ефикасни решенија и подобри резултати, во таа насока соработката со меѓународните и донаторски организации активни во областа на олеснувањето на трговијата обезбедува дополнителни ресурси и стручност за реализација на поставените цели.

Неформалниот состанок продолжи и на 1 декември 2017 година, кога покрај министерот за финансии на РМ и директорот на Царинската управа на РМ, обраќање имаа и директорот на Канцеларијата за генерален развој на УСАИД во Македонија г-дин Едвард Гонзалез, менаџерот на Светска банка/ИФЦ во Македонија г-дин Зоран Мартиновски, експерт од Совет за регионална соработка г-ѓа Ивана Гардашевиќ и директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА г-дин Емир Џикиќ.

Во рамки на состанокот беа споделени најдобрите практики и искуства во врска со заедничкиот пристап кон предизвиците со кои се соочуваат царинските управи од Западен Балкан, a со цел да се спроведат активностите од Повеќегодишниот акционен план што предвидува отстранување на нетарифни бариери, поедноставување и модернизација на царинските процедури, намалување на формалностите, ефикасна размена на податоци на регионално ниво, унапредување на програмите за меѓусебно признавање на документите и постапките на граница, вклучувајќи го и овластениот економски оператор.

Присутните за време на состанокот ја потврдија посветеноста на царинските служби за имплементација на Повеќегодишниот акциски план и подобрување на меѓусебната соработка во насока на создавање на Регионална економска област со заклучок дека ваквиот тип на состаноци ќе прерасне во традиција при што беше договорен термин за наредниот состанок на директорите на Царинските управи од Западен Балкан да се одржи во мај 2018 година во Тирана.