29/11/2024
Македонија

Нема небезбедно пилешко месо на македонскиот пазар

Како контакт точка на Системот за брзо предупредување за небезбедна храна и храна за животни на Европската унија, Агенцијата за храна и ветеринарство досега нема добиено нотификација за пласирано небезбедно пилешко месо по потекло од Бразил во Република Македонија.

Од вкупно увезените 14.010.681 килограми пилешко месо од Полска, Хрватска, Словенија, Бразил, Бугарија, Германија, Грција и Србија и други земји, оваа година, заклучно со јуни, од Бразил се увезени вкупно 3.391.011 килограми.

Согласно мониторинг планот за увоз на производи од животинско потекло, од пратките пилешко месо кои се увезуваат во земјава редовно се земаат мостри за лабораториско испитување. Во однос на месото кое се увезува Бразил ( вклучително и од пилешкото), од секоја пратка се земаат задолжителни мостри за микробиолошко тестирање и за откривање на резидуи во истото.

Врз основа на извршените лабораториски испитувања досега не се добиени позитивни резултати, односно месото кое е пласирано на македонскиот пазар е безбедно. Во 2018 година нема уништени или вратени пратки со пилешко месо со потекло од Бразил.