Непознато лице вработено во ЈЗУ „Општа болница“ изготвило лажна документација за труење со храна
Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „фалсификување или уништување деловни книги“, Секторот за внатрешни работи Охрид до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против засега непознато лице вработено во ЈЗУ „Општа болница“ Охрид, како и против С.С.(60) од Демир Хисар за сторено казнено дело „поттикнување во вршење кривично дело“.
Засега непознатото лице, иако знаел дека во периодот август-септември 2017 година, лицето С.С. немала лекарски третман во болница, свесно, на бланко хартија ставил службен печат на болницата и составил лажна исправа-лекарска потврда со целосно внесена лажна содржина за наводно лекување и одредена терапија на второпријавената во одделението за внатрешни болести. Потоа, лажната исправа ја заверил со службен факсимил од доктор–интернист и со службен печат од одделението за внатрешни болести. Дополнително, на име на второпријавената, изготвил и лажен документ каса-прими, во која внесол лажен износ од 81.000,оо денари за наводна наплатена услуга за лекување и повторно ја заверил со истиот печат од одделението за внатрешни болести. Ваквите фалсификувани исправи и ги предал на второпријавената за да ги употреби во осигурителна компанија во Перт-Австралија за рефундирање на трошоците за наводното лекување.
Второпријавената, за време на престојот во Република Македонија, во договор со првопријавениот, со намера да оствари противправна имотна корист за себе, со умисла го поттикнала да направи лажни исправи-лекарска потврда и каса-прими документ и ги употребила во осигурителна компанија во Австралија како вистински, прикажувајки дека во текот на 2017 година и било дијагностицирано труење со храна.