22/11/2024
Охрид

Незаборавно искуство во Финска на ученици и наставници од ООУ „Ванчо Николески“ во рамки на Еразмус+ проектот „Се грижам“

Во рамки на проектот „Се грижам“/„I CARE“ тим од 3 ученици и 2 ментори од ООУ „Ванчо Николески“ – Лескоец, Охрид, во периодот од 20 – 24 Март 2023 беа дел од образовната мобилност која се реализираше во Финска, градот Кеми.

Темата на оваа образовна мобилност беше одржливост на еколошката свест, а се работеше според однапред утврдена агенда. Беа презентирани начини на рециклирање во сите партнер земји, беше презентирана работата на најголемата фабрика во Кеми за рециклирање, се дебатираше на тема еколошката свест кај учениците, а исто така се реализираа мноштво креативни еколошки работилници за рециклирање стари предмети, маици и слично, како и изготвување нови.

Во рамки на посетата беше организиран разглед со туристички водич на гратчето Кеми, каде се наоѓа нашето партнер училиште, со посета на добро опремениот културен центар, каде се запознавме со историјатот и знаменитостите на Кеми и Финска. Кеми е град кој се наоѓа многу во близина на градот Торнио и шведската граница, со типично скандинавска клима. Имавме посета и на Снежниот зимски замок и град, каде учениците имаа можност да се забавуваат на снегот и да се воодушевуваат на фигурите од мраз. Она што беше посебно интересно за нашите ученици беше единственото искуство на ловење риба во замрзнатото Балтичко море, како и подготвување здрава храна и палачинки на оган на отворено.

Учесниците од оваа мобилност имаа можност да го посетат и познатото село на Дедо Мраз во Рованиеми, да се фотографираат со него и одблизу да ги видат неговите куќарки и ирваси. Го посетивме и градот Рованиеми, неговата библиотека, театар и научниот центар Пилке, каде учениците имаа можност да бидат запознаени со многу процеси што се случуваат во природата, со процесите на обработка на дрвото, и мултимедијални симулации. 

Стапнавме и во Артичкиот круг, кој е еден од двата поларни кругови каде е најкраткиот ден во годината кога Сонцето не заоѓа цел ден последоваелно 3 месеци. Имавме среќа да видиме и Aurora Borealis, или позната како поларно светло, што е природен приказ на свелината на небото и земјата, а се забележува претежно во тие земји како зелена светлина на небото.

Ова беше едно ново, оригинално и незаборавно искуство за сите учесници на оваа мобилност, бидејќи земјата Финска нуди многу различно искуство со оглед на местоположбата, климата и навиките на овој народ. Бевме сведоци на одлично организирано училиште и типични скандинавски навики и ритуал на живот. Тимот од ООУ „Ванчо Николески“ се врати со одлични впечатоци, надминати очекувања и нови знаења од ова патување.


WebOhrid / 11.04.2023 / ООУ „Ванчо Николески“ Лескоец