НФФ: Избрзана одлука за пченицата и брашното
Националната федерација на фармери бара ваквите измени на уредби за укинување за извоз на пченица и брашно и олеснување на увоз на пченица да се прават во координација и комуникација со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку конкретно разгледувања на барањата во рамките на постекторската група за житни култури на МЗШВ каде што членуваат и поледелци и мелничари и потоа да се даваат како предлози на Влада за да се донесуваат одлуки. На ваков начин само се овозможува да се слушне гласот на мелничарите и се бранат само нивните ставови и интереси, без да се направи сеопфатна анализа, да се слушне размислувањето на поледелците и да се донесе заеднички конкретен заклучок, барање кое треба да биде доставено до Владата. Вака направената предлог измена е само избрзана одлука, која што може да е на штета на поледелците и македонската пченица, затоа Националната федерација на фармери бара да се свика потсекторската група за житни култури во МЗШВ да се произнесе за измената на Уредбата и потоа да се влезе во процедура во Владата на РСМ.
Ваквиот став на НФФ е даден по излегување на соопштението на Министерството за економија и изјавата на денешната прес – конференција на министерот Бектеши по неговата средба со мелничко пекарска индустрија каде што се пренесе информација дека Министерството за економија работи на измена на Уредбата со која беше забранет извоз на пченица и брашно во други земји, повторно да биде дозволено. Тој додаде дека на состанокот со претставниците од мелничката индустрија е разговарано и за донесување на други мерки кои што во иднина треба да ги превземе Владата се со цел да се олесни увозот на пченица.