Николај Петкоски од Охрид ја доби наградата од Општина Битола на „Пијанофест 2019“
Изминатиот викенд во Битола се одржа првото издание на меѓународниот натпревар во пијано „Пијанофест 2019“. Околу 80 натпреварувачи од Албанија, Бугарија, Косово и од нашата земја се натпреваруваа во неколку категории и тоа: пет категории во пијано соло, три категории пијано дуо и две категории пијано теоретичари.
Жири комисијата во состав Елена Дикова од Бугарија, Надежда Породини Јоле од Албанија и Јана Четелева Белевска од Македонија, им додели максимални 100 поени на 11 учесници во различни категории. Наградата од Општина Битола, која се состоеше од плакета и парична вредност, му беше доделена на Николај Петкоски од Охрид, кој се натпреваруваше во прва категорија, со освоени 100 поени и прво место.
Наградата ја додели советничката во Советот на Општина Битола Виолета Дракалска, која истакна дека Битола е препознатлива како град на клавирите и затоа упати честитки до двете професорки по пијано од Државното музичко училиште во Битола Марија Шамоска Буџаковски и Јана Четелева Белевска, на чија иницијатива за прв пат се одржа ова меѓународно натпреварување. Дракалска посака ова да е само почеток на уште една нова, но успешна приказна за Битола, која ќе го претставува градот и ќе го популаризира, не само во домашни, туку и во светски рамки.