22/11/2024
Охрид

Николески: Отвораме Канцеларија за лица со посебни потреби во рамки на локалната самоуправа

СДСМ и коалицијата „Најдоброто за Охрид“ денес одржа прес-конференција на која се обрати кандидатот за советник, Ристо Николески.

„Почитувани охриѓани, драги сограѓани. Како власт покажавме дека се грижиме за сите сегменти од општественото живеење, бидејќи секој човек е важен!

Согласно политиките за социјална заштита, во текот на изминатиот период беа реализирани голем број активности кои беа посветени на лицата со посебни потреби. Се обезбеди поддршка и се овозможи непречено работење на дневните центри за лица со попреченост и континуирано се имплементираше проектот за ангажирање на образовни асистенти со цел поефикасно спроведување на воспитно образовниот процес на децата со попреченост. Исто така беа имплементирани и низа наменски проекти поддржани од меѓународни фондови.

Во претстојниот мандат ќе продолжиме да работиме за создавање на услови за активно вклучување на лицата со посебни потреби во одлучувањето во општините. Работиме на отстранување на сите бариери на локално ниво за лицата со попреченост и целосна интеграција на лицата со посебни потреби во општеството.

Во таа насока отвораме Канцеларија за лица со посебни потреби во рамки на локалната самоуправа, која ќе има за цел да се грижи за потребите на оваа категорија граѓани на ниво на општината. Во канцеларијата ќе бидат вработени лица од оваа категорија кои се работноспособни.

Воведуваме мобилност и пристапност до сите општински и образовни институции, прилагодлива инфраструктура и пристапни патеки. Поддршка на семејства на деца со пречки во развојот

Ќе продолжиме со програмата за образовни асистенти, кои ќе овозможат вклучување на што е можно повеќе деца со пречки во развојот редовно форми на предучилишни и училишни програми.

Продолжуваме со поддршка на постоечките дневни центри за лица со попреченост и ќе отвориме нови центри. Обезбедуваме нови и соодветни просторни услови и опрема. Исто така ќе го зголемиме бројот на вработени негуватели и воспитувачи во центрите.

Затоа на 17ти октомври да го дадеме гласот за подобра иднина на сите категории граѓани кои живеат во овој прекрасен град. Да го дадеме гласот за градоначалникот Константин Георгиески и советничката листа на коалицијата “Најдоброто за нашата општина”.

На 17-ти октомври да го заокружиме бројот 12 и да донесеме уште една голема победа за Охрид.“ – истакна Николески.