22/11/2024
Македонија

Николовски: Активно работиме на воспоставување на земјоделски иновативни системи и унапредување на технологиите во земјоделството

Воведувањето на новите технологии во земјоделството е приоритет на секоја држава која што цели кон создавање на едно модерно, развиено и конкурентно земјоделско производство, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на денешната меѓународна конференција „Заедно за силно дигитално земјоделство“, што се одржува во Софија, Република Бугарија.

Конференцијата е во организација на Министерството за земјоделство, храна и шумарство на Република Бугарија, Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации и Институт за Агростратегии и иновации, а присуствуваа министри за земјоделство од европската унија, турција и од Западен Балкан, како и претставници на ФАО, земјоделци и експерти од областа на земјоделството.

На панел дискусијата министерот Николовски потенцираше дека Владата на Република Македонија активно работи на воспоставување на земјоделски иновативни системи, како и унапредување на информациските и комуникациски технологии.

„По поврзаноста помеѓу регистрите и базите на податоци на релевантните институции – Министерството, Платежната Агенцијата и Агенцијата за Храна и Ветеринарство, како и дигитализацијата на земјишните парцели преку Системот за идентификација на земјишни парцели, имаме постигнато целосно спроведување на Интегрираниот Систем за Администрација и Контрола – ISAC. Поднесувањето на барањата за државна поддршка се врши по електронски пат, а Регистарот за земјоделски стопанства и Мрежата на Сметководствени Податоци на Земјоделските Стопанства (FADN) е надграден со повисоки стандарди,“ изјави министерот Николовски.

При тоа како позитивен пример, министерот ја посочи примената на информатичките и комуникациските технологии во Преспанскиот регион, каде што благодарение на користењето на обсервација на површините и податоците од сензорите, агро-метеоролошкиот мониторинг, мобилната технологија и социјалните медиуми, земјоделците се во можност да направат подобри одлуки за примена на пестициди и наводнување, што придонесува намалување на употребата на пестициди за 30 проценти. Ефикасноста во наводнувањето е зголемена за 50-60% благодарение на подобрениот распоред за наводнување и сигнализација.

Во рамки на меѓународната конференција, министерот Николовски имаше работен состанок со бугарскиот министер за земјоделство, храна и шумарство Румен Порожанов, на кој што двајцата министри договорија низа заеднички активности и сериозна поддршка од бугарското министерство во модернизација на земјоделството и подготовка за пристапниот процес во Европската Унија. На состанокот посебен акцент беше ставен на подигање на искористеноста на ИПАРД, акредитирање на нови мерки и јакнење на човечките капацитети, за што бугарскиот министер Порожанов, истакна дека стојат на располагање за експертска помош во делот на искористување на европските фондови.

Веќе следниот месец работните групи на двете министерства започнуваат средби за подобрување на трговијата меѓу Македонија и Бугарија.