22/11/2024
Македонија

Николовски: Креираме нови мерки за одржливо управување и менаџирање со шумите во државата

Денеска беше потишан Меморандум за одржливо управување и менаџирање со шумите во државата и трајно зголемување на шумскиот фонд помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и со Националното здружение на сопственици на приватни шуми.

„Со овој Меморандум, ние како ресорно министерство, во координација со ЈП Македонски шуми и со Националното здружение на сопственици на приватни шуми, се обврзуваме да ги унапредиме постоечките и да креираме нови мерки во Програмата за рурален развој, со една единствена цел – зголемување на економските, еколошките и културните вредности на шумите. Токму во овој период се подготвува новата Програма за рурален развој за 2019 година, во која што ќе бидат унапредени постоечките и имплементирани нови мерки за секторот шумарство“, изјави Николовски.

Со Буџетот за 2018 година сумата за Програмата за проширена репродукција на шумите и за Програмата за развој и унапредување во ловството  е зголемена од 10 на 21,5 милиони денари. Овие средства се наменети за унапредување и превентивна заштита на шумскиот фонд и мал дел мерки во ловството. Министерот Николовски потенцираше дека со денешниот Меморандум е планирано креирање и унапредување на  мерките  од Програмата за проширена репродукција на шумите, а преку соработка и комуникација со стручната фела и со претставниците на Здружението, ќе се имплементираат нови мерки од заеднички интерес и ќе се издвојат повеќе финансиски средства. Резултатот ќе биде зголемување и унапредување на шумскиот фонд.

Со овој Меморандум почнува континуирана соработка со „Македонски шуми“, стручната фела и  претставниците на Здружението. Ќе се работи на нови мерки од заеднички интерес и обезбедување повеќе финансиски средства, а резултатот ќе биде зголемување и унапредување на шумскиот фонд. Воедно, Меморандумот предвидува соработка при изработување на Закони и подзаконски акти од областа на шумарството.

Николовски во продолжение најави сериозни реформи во шумарскиот сектор во наредниот период, за што МЗШВ има финансиска и техничка помош од ФАО. Конкретно, се развива методологијата за спроведување на Национален инвентар за шумите, која ќе трае до крај на година.

Дополнително, со европската  ИПА 2019, за македонското земјоделство и руралниот развој се планирани 15 милиони евра, со кои за првпат ќе се финансира и секторот шумарството. Парите ќе се искористат за воспоставување шумарски информативен систем, што е важно за одржливо стопанисување со шумите, креирање на политиките за приближување на македонското шумарство кон современите текови и обезбедување податоци клучни за развојот на овој сектор.