25/11/2024
Македонија

Николовски: Започнуваме битка против криминалот и корупцијата, доаѓа време на неселективна правда

Во борбата против корупцијата никој не смее да биде заштитен, во секој еден случај мора да има одговорност, ќе бидам силен коректор кој ќе создаде пракса која ќе ги охрабри граѓаните, а функционерите ќе ги сфатат своите морални и етички одговорности“, изјави заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, во вечерашното интервју во емисијата „Само интервју“, на телевизијата Канал 5. Вицепремиерот Николовски, посочи дека примените на законите мора да продолжат, да се коригираат и отстранат сите системски слабости.

„Започнуваме битка против криминалот и корупцијата, доаѓа време на неселективна правда. Треба да сме свесни дека има незадоволство кај граѓаните, кај младите луѓе. Лично не сум задоволен, од борбата против криминалот и корупцијата односно од ефикасноста и ефективноста на институциите и на органите. Доаѓа време во кое неселективно и бескомпромисно треба еднаш засекогаш да ја почнеме најсериозната битка. Никој не смее да биде заштитен од страна на политичките партии, никој не смее да биде над законот. Неприфатливо е да нема завршница на предмети, тоа предизвикува демотивација кај граѓаните. Институциите мора да бидат капацитетни и да одговорат на сите предизвици, еднакво кон сите. Мојот план е работите да се менуваат во тој правец“, изјави Николовски.

При тоа, Николовски посочи дека неговата улога од оваа нова функција е да ги координира институциите, кои имаат ингеренции во борбата против корупцијата и криминалот, а целта е да се уверат граѓаните дека Владата е одлучна да го спроведе целиот овој процес, и да создаде функционален систем ослободен од корупција.

„Ќе инсистирам на ред, ефикасност, неселективност, отчетност и постапување. Имаме институции со едни надлежности во борба против корупцијата и имаме институции формирани со посебни закони, тела и органи формирани со други акти во рамки на самиот систем. Затоа е потребна една координативна улога, во делот на сите институции на извршната власт. Обврските и надлежностите ќе ми бидат пренесени од страна на претседателот на Владата, а јас ќе барам одговорност и отчетност. Борбата против корупцијата треба да се одвива преку повеќе канали и многу е битно да има резултат и ефект, без никакво затскривање и одложување“, изјави Николовски.

Во интервјуто се отвори и темата за работата на министрите и директорите, како и за намалување на дискреционите права на функционерите. Николовски потенцираше ќе бара од сите министри и директори висока отчетност за нивната работа.

„Директори на јавни претпријатија земаат поголема плата од претседателот и премиерот. Јавноста не ги знае, а имаат највисоки плати, највисоки привилегии. Не може да имаат такви примања тие директори и да не носат одговорност. Во нашето живеење се вкоренети навики каде се мора да е со протекции и врски. Баш против тие протекции ќе се борам. Дневно имам илјадници пораки од граѓани за ситни потреби. Тие самите се научени дека така полесно доаѓаат до решение. Јас одговарам на сите и ги процесирам тие работи колку што можам, но мораме да го промениме системот за да граѓаните почнат да веруваат дека преку системски и институционален начин тоа можат да го остварат. Сум бил министер и знам како се одвиваат внатре работите и се префрла одговорноста – не е до мене, до друг е. Мораме навиките да ги промениме секаде и затоа е оваа координативна функција воведена“, изјави Николовски.

Вицепремиерот во емисијата „Само интервју“, на телевизијата Канал 5, порача дека оваа Влада не е сепаративна, туку единствена, а сите министри од Владата, без оглед од која партија доаѓаат, се на сервис на граѓаните.