26/11/2024
Македонија

Николовски: Зборот е збор, трудот на тутунарите се цени и плаќа, тутунарите ќе добиваат повисоки субвенции

Владата на денешната седница во Уредбата за директни плаќања за 2018 година, ја дефинираше висината на субвенциите за килограм предаден тутун. Со Уредбата, почнувајќи од реколтата 2017 година, тутунарите ќе добиваат повисоки субвенции. Конкретно, се воведува субвенционирање во три нивоа и тоа:

– субвенцијата за прва класа тутун ќе изнесува 80 денари по килограм, што е прво ниво;

– за втора класа обезбедуваме 70 денари, што е второ ниво;

– третото ниво на субвенционирање изнесува 60 денари по килограм и важи за трета и четврта класа, како за двете дополнителни класи.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, изјави дека на овој начин ќе мотивираат тутунарите да произведуваат квалитетн тутун.

„Ќе потенцирам, дека на овој начин ќе ги мотивираме тутунарите не само да го зголемат производството на тутун, туку и да се насочат кон производство на поквалитетен тутун, за да добијат повисока субвенција. Зборот е збор, трудот на тутунарите се цени и плаќа. Нашите идни политики се во насока на развој на тутунопроизводството, кои ќе ги реализираме не само преку зголемените субвенции за тутунот, туку и преку измените во новиот Закон за тутун и тутунски производи. Со новиот Закон кој е веќе подготвен и очекуваме да биде донесен наскоро, ќе се укине поднесување на евидентни листови. Тутунарите директно ќе склучуваат договори со откупните претпријатија.На овој начин им ја олеснуваме административната процедура за склучување на договорите за производство“, изјави министерот Николовски.

При тоа Николовски потенцираше дека реколтата 2017-та е една од најдобрите споредено со изминатите години. Откупот на тутун е при крај, се постигна највисока просечна откупна цена, тутунот беше со одличен квалитет, што се должи на погодните временски прилики. Досега се откупни повеќе од 23,5 милиони килограми по просечна од 217,5 денари за килограм.

„Согласно откупната цена по класи, вкупната исплатена сума кон тутунарите ќе биде над 80 милиони евра.Со зголемените субвенции ќе им бидат исплатени 28 милиони евра исплатени на име субвенции. Што значи дека реколтата 2017 година на 23.000 семејства им обезбедува приход од вкупно 100 милиони евра. Како Влада, остануваме фокусирани на развојот на тутунопроизводството од што егзистираат повеќе од 23.000 тутунарски семејства. Нашите идни политики за оваа култура ќе бидат во насока на обезбедување на сигурност на производството и непречен откуп“, изјави министерот Николовски.

Инаку, во тек е склучувањето на новите договори за реколтата 2018 година, и годинава се очекува зголемување на бројот на склучени договори, поради високата откупна цена и интересот на откупувачите.