24/11/2024
Писма/Колумни

Нобеловата награда, на Хандке, ќе му ја дадеа и без нашето истрчување!?

Македонскиот дипломат во Стокхолм добил инструкции да не присуствува на церемонијата по повод доделувањето на Нобеловата награда за литература на австрискиот писател Петер Хандке, поради неговата поддршка на режимот на Милошевиќ.

Тоа, на Твотер, го обелодени самиот министер Димитров:„Мора да се спротивставиме на негирањето на геноцидот“, порача денеска на Твитер  министерот Димитров.

МНР ја потврди информацијата, но не ги наведе причините за неприсуството во Стокхолм, иако е повеќе од извесно дека и Македонија го следи примерот на Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Турција, кои ја бојкотираат церемонијата во Шведска поради ставовите на Хандке во минатото, кој јавно застануваше зад режимот на Милошевиќ.

Постапката на Димитров (МНР), заедно со изостанатото објаснување од МНР, предизвика доста полемика и попречни ставови. Самиот западнав во полемика со професор д-р Тони Дескоски, кој наога оправдание, а јас не гледам нешто такво во постапката на министерот Димитров.

Најмалку од естетско-книжевен, па ниту од аспект на политичка прагма. Само му намести топка на Вучиќ на пеналтикот, за предвреме да им каже на Србите во Македонија, за кого да гласаат на следните избори.

Со д-р Дескоски, не се согласивме и околу тоа за каква потреба и употреба, Димитров побрзал да завземе страна. Тој смета за надворешна, јас сметам за внатрешна.Едноставно некому, или на некоја побројна популација да и се додвори – кај нас, или околу нас!

Потврда за мојот став видов во фактот дека единствената благодарност до Никола Димитров за бојкотот, дојде од косовскиот министер за надворешни работи, Пацоли на Твитер.

Како и да е со ценетиот професор, пријател и роднокраец од Дебрца, се согласивме, барем за тоа дека и без нас, ќе поминеше доделувањето!

Во секој случај, Хандке и Нобел, во овој случај, за нас не беа “поле за натпревар!”. Зошто? Одговорот ќе го најдете, во фактот, дека Хандке, пред распадот на Југославија и воените дејствија, беше најљубениот во Хрватска. Сега е во Србија!!!

За Хандке, нашата бивша ЈУГА, од негови семејни причини и младешки години, беше сонуваната земја. Така стигна да се воодушевува и на мојот Охрид.

Имав прилика, овде во Охрид, осумдесетите години, на сега веќе минатиот век, една недела да му бидам домаќин и да другарувам со Предраг Милоевиќ, политикин новинар, дописник од Берлин од Хитлерово доба, известувач од процесот во Лајпциг, против еден друг Димитров (Ѓорѓи), за палењето на Рајхстагот. Посочувам на неговата ккнига “О људима и ќудима!”.

Од прва рака, можев да слушам за дипломатските години и постапки на Иво Андриќ. Нобелоец,како и Хандке. Значи ли тоа дека треба да се посомневам во Нобеливиот комитет и да не го читам Андриќ?

Во прилог, една реченица од уште еден нобелоец,Херман Хесе (“Росхалде”):”Човекот единствено во првата младост, до својата тринаесетта-четириниаесетта година, доживува со полна острина и свежина се што го опкружува,па од тоа живее целиот живот”!Ова важи и за Хендке.Тие што го познаваат неговиот животопис, ќе разберат.

Како и да е за поддржувачите, изјавата на Димитров и неговиот потег се многу прецизно одмерени и координирани со Сојузникот. Дека со Србија сме на спротивставени страни, а таа е во жесток геостратешки судир на НАТО сојузниците со Вучиќ.А ние моравме да одбереме страна и ги одбравме Сојузниците!

Нема никаква “топла вода”, околу нашата стратешка определба и стратешкиот сојузник.Тоа е аксиома! За жал ѓаволот е во деталите.Тој се вртка околу манастирите, а не околу борделите!Прво, политиката на политичарите – литературата на литератите и естетите!Не сме белким попаметни од тие во Нобеловиот комитет!?

Нашите геостратешки сојузници, истиот ден, отворија уште едно поглавје во пристапните преговори со Србија (досега половината!), она што за нас сеуште е неотсонуван сон!

Професорот д-р Тони Дескоски, ми напиша: “А Нобеловата, и така ќе ја дадат и без нас”!

Па, тоа е тоа професоре. Тоа е лајт мотивот за мојата реакција.Ако ништо не зависи од нас, а не зависи, чуму истрчување!?Ако со нашето истрчување ништо не добиваме, а има ризик – нешто сепак да изгубиме, чуму чаламење!? Кај нас, во Дебрца, за оваа појава,има една досетка: “Како прле пред магаре”!?

Навистина – што ние добивме со истрчувањето?

Не добивме ништо. Ниту на стратешки, а уште помалку на тактички план. Стратешкиот пат и без ова си останува.”Ничим” загрозен, како што и ставот на министерот беше “ничим” предизвикан!На тактички план, направена е грешка. Сите сме за НАТО и Сојузникот”, но, тоа не ни дава за право, апологетски и некритички, да застанувам зад секој потег.

За интелектуалците тоа не треба да биде својствено.

Веле Митаноски

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.