Ногачески: Не терајте партиски политики со депонијата
Во врска со соопштението до ВМРО-ДПМНЕ ОК Дебрца, реакција испрати градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, во која стои:
„Во соопштението на ОК ВМРО ДПМНЕ Дебрца за најавената изградба на регионалната депонија во Дебрца уште еднаш на крајот ме прозвале, инсинуирајќи дека сум ги лажел граѓаните.
Моите ставови се јасно изнесени во јавноста и немам намера на некои, кои се однесуваат во стилот на народната “при очи слепи, при уши глуви” уште еднаш да им ги повторувам.
Во врска со “моето влијание кај партискиот шеф”, уште еднаш сакам да Ви повторам, ако не сте разбрале, дека од денот на преземањето на функцијата јас сум градоначалник на сите граѓани на Дебрца и мојот “шеф” се граѓаните, на кои им служам и на кои единствено им поднесувам сметка. Потполно Ве разбирам за тоа што сте го напишале, бидејќи кај Вас работите беа поинаку поставени, како однос меѓу послушници и партискиот шеф, кого бесприговорно си го слушавте.
За разлика од Вас, ако утре било која Влада, вклучително и сегашната предводена од премиерот Заев сака да имплементира проекти кои се штетни за граѓаните на Дебрца, јас ја имам одбрано страната.
Страната на граѓаните.
За тоа како се дојде до ова предлог решение за депонијата и дали во старт се можеше да биде поинаку воопшто не би сакал да елаборирам, тоа граѓаните добро го знаат.
Затоа, не терајте партиски политики со депонијата. Депонијата не е партиски проблем, таа е проблем на сите граѓани. Не ставајте партиски мински полиња и сопки на патот на еколошката одбрана на Дебрца.
Елате сите под бајракот на општина Дебрца и заедно, сплотени со граѓаните, на надлежните од Министерството за животна средина да им докажеме дека донеле погрешна одлука, да се избориме за нејзино повлекување и заштита на природата и уникатноста на Дебрца.“ – стои во реакцијата од градоначалникот Ногачески.