22/11/2024
Дебрца

Ногачески: Стојам на ставот дека нема да се гради регионална депонија во Годивје

Градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески присуствуваше на координативната средба, организирана од страна на Координативното тело против изградбата на депонија во општина Дебрца, со претставниците на локалната самоуправа и претставниците на месните заедници од општината.

„Уште еднаш го повторив ставот дека ниту градоначалникот, ниту советот немаат мандат да ја дерогираат волјата на граѓаните, изразена преку референдумската одлука против изградбата на депонијата во село Годивје. Советниците го повторија својот став дека нема да ја поддржат одлуката за пренесување на надлежностите во областа на управувањето со отпад на централната власт, од причина што во Студијата за Југозападниот регион се упатува на Годивје, како локација на депонијата.“– вели градоначалникот Ногачески.

Претставниците на Координативното тело уште еднаш ги изнесоа сите еколошки аргументи против регионална депонија во Дебрца и искажаа готовност, заедно со граѓаните да продолжат со своите активности, односно со нивната еколошка “револуција” за одбрана на Дебрца, се до повлекување на одлуката од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.

За формите на еколошката “револуција” истакнаа дека јавноста дополнително ќе биде информирана.