26/11/2024
Дебрца

Ногачески: Во ДЕБРЦА нема место за проекти од типот на регионални депонии или фабрики за отпад, придружете се и вие на Протестот!

Градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески вечерва на својот ФБ Профил уште еднаш напиша дека во ДЕБРЦА нема место за проекти од типот на регионални депонии или фабрики за отпад и ги повика сите жители да се придружат на претстојниот протест.

„До сите оние кои заговарате регионалната депонија да се изгради во Дебрца,

Ви повторувам и преповторувам,

Дебрца е една од најчистите природни и екстремно богати културни оази во Република Македонија.

Имајќи ги предвид сите провидни капки вода што го мијат овој земен рај, сите шумски хлорофилни клетки што ни го прочистуваат воздухот што го дишеме ние и нашите деца, и сите згаснати огништа на нашите предци и остатоците на одамна заборавените нивни куќи, тврдински ѕидини и кули, огромниот број археолошки предмети, како и слободарскиот и револуционерен дух што ни ги оставиле предците во аманет,

Ви порачуваме,

ВО ДЕБРЦА нема место за проекти од типот на регионални депонии, или фабрики за отпад, како сакате наречете ги.

Туку напротив,

За Дебрца имаме сосема друга визија и високо благородна идеја, од Дебрца да создадеме високо рангирана природна, културна и археолошка туристичка дестинација, зелена оаза, ораница за производство на органска храна и уникатно и самоодржливо место за живеење.

Во името на таа благородна идеја, на 22 Април-Светскиот ден на Планетата Земја и Јас се придружувам на ПРОТЕСТОТ против изградба на регионална депонија во Дебрца.

ПРИДРУЖЕТЕ СЕ И ВИЕ !“– напиша Ногачески на својот ФБ профил.

Протестот ќе се одржи во недела (22ри април), а ќе започне со истовремено ѕвонење на сите камбани во Дебрца во траење од 15 минути, односно од 11:00 до 11:15 часот, со што симболично ќе биде најавен почетокот на еко-револуцијата. Во периодот од 11:55 до 13:55 часот предвидена е протестна блокада на магистралниот пат Кичево-Охрид во двата правци.

Целта на протестот е уште еднаш да се чуе гласот на населението, против Одлуката да се гради регионална депонија во општина Дебрца, што впрочем беше и покажано со референдумот (кој се одржа минатата година заедно со локалните избори во Македонија) на кој 87% од населението на Дебрца гласаше против изградба на таков објект во општината.