23/11/2024
Македонија

Нотарските и услугите на извршителите се намалуваат за 50% до 90 %, а дури 16 ставки ќе бидат целосно бесплатни

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и министерката за правда Рената Дескоска, денеска одржаа прес конференција на која во детали информираа за усвојувањето на предлог – законот за изменување и дополнување на законот за нотаријатот и на предлог – закон за изменување и дополнување на законот за извршување на денешната седница на владата.

Со новите предлог решенија за овие два закона трошоците за нотарските и услугите на извршителите се намалуваат за 50% до 90%, а дури 16 ставки за кои порано постоеја трошоци, со новите тарифи за нотарски и извршителски услуги ќе бидат целосно бесплатни.

Во текот на прес-конференцијата министерката Дескоска презентираше симулацијата за споредба меѓу старата и новата тарифа на извршителите, како и симулацијата како новата тарифа ќе се одрази на конкретни постапки за наплата на долгови.

За значењето на оваа одлука од денешната седница на Владата на РМ говореше премиерот Заев, чие обраќање на оваа конференција за медиумите ви го пренесуваме во целост:

Граѓаните на прво место е еден од првите приоритети на Владата на Република Македонија. Согласно тој приоритет, една од основните цели на оваа влада е олеснување на животот на сите граѓани во Република Македонија и намалување на трошоците.

Денеска ја презентираме реформата на законската рамка за намалување на трошоците за извршување, реформа која ја најавивме и која ја правиме по претходна консултација со сите засегнати, со лица од различни професии, со лица должници и со оние кои се доверители.

Оваа реформа ја иницираме, бидејќи одредени практики кои беа товар за граѓаните не можат да продолжат. Трошоците кои ги плаќаат граѓаните мора да бидат намалени и разумни, а не енормни.

Денеска Владата на Република Македонија усвои предлог за измени на Законот за извршување и Законот за нотаријат кои ќе намалат тарифите на нотарите и извршителите.

Главна цел на измените на законите е намалување на трошоците во постапките пред нотарите и извршителите и тоа на најсиромашните граѓани кои не можат да си ги платат сметките за комунални трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити.

Намалувања на трошоците за граѓаните кои имаат долгови за комунални трошоци ќе има и во постапките пред нотарите и во постапките пред извршителите.

Во постапките пред нотарите овие граѓани ќе бидат ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност, а нотарската награда ќе биде 10% од главниот долг, но не повеќе од 500 денари.

Тоа значи ако долгот е 1000 денари, надоместокот за нотар ќе биде 100 денари. Ако долгот е 10 000 денари, надоместокот нема да биде 1000 денари, туку 500 денари.

Исто така за сметки за вода, смет, телефон и одржување на заеднички простории во висина до 6000 денари нема да биде потребно учество на адвокати, како и за сметки за струја и парно до 15 000 денари. Со тоа ќе се исклучат и адвокатските трошоци за лицата кои имаат неплатени сметки до одреден износ.

Во постапката пред извршител, имаме исто така големо намалување на трошоците. Дури 16 ставки за кои порано постоеја трошоци, со новата тарифа ќе бидат целосно бесплатни. Некои ставки се намалени до 50%, некои дури и повеќе од 50%.

На пример, налогот за извршување на трансакциска сметка на физичко лице кое порано чинеше 20 евра, со новиот тарифник ќе биде 2 евра за долгови до 1000 евра и ќе се движи до 6 евра за највисоките долгови.

Наградите на извршителите се исто така намалени, со тоа што се става ограничување дека при извршување на платни налози за комунални трошоци, наградата не може да биде повеќе од 20% од висина на главниот долг.