23/11/2024
Македонија

Нов објект за тактички вежби- куќа за пукање во полицискиот комплекс во Ѓорче Петров

 

Изградбата на овој нов и модерен објект за вежби, кој е изграден благодарение на донацијата на Владата на САД во висина од 900.000 долари, ќе овозможи унапредување на вештините на безбедносните сили на Република Македонија, рече министерот Оливер Спасовски денеска на пуштањето во функција на новоизградениот објект за тактички вежби – куќа за пукање, кој е сместен во полицискиот комплекс во Ѓорче Петров, а е наменет за потребите на припадниците на Министерството за внатрешни работи.

„Особено сум благодарен на соработката и пријателството со претставниците на Меѓународната програма за обука и помош при вршење кривични истраги (ИЦИТАП) и Европската Команда (ЕУКОМ). Со САД имаме многу полиња на заеднички интерес и меѓусебна поддршка. Едно од клучните полиња на поддршка е полето на обуките и донирањето на опрема кои се насочени кон засилување на професионалните капацитети на полицијата. Нашите досегашните заеднички ангажмани претставуваат одличен пример за искрена соработка и пријателство“, рече Спасовски.

Амбасадорот на САД Н.Е. Џес Бејли потенцира дека овој објект за тактички вежби е наменет да им помогне на професионалците за спроведување на законот во Македонија за тие подобро да им служат на граѓаните на Македонија.

„Тие ќе можат да спроведуваат обуки за огнено оружје и тактички обуки во модерен објект, а воедно ќе можат и да бидат домаќини на нивни колеги од други земји при организирање регионални обуки. Се надевам дека овој модерен објект за вежби ќе ви биде корисен при подобрувањето на обуките и ефикасноста во тешката работа која ја вршите“, рече амбасадорот Бејли.