23/11/2024
Македонија

Нова алатка за транспарентност на МФ

Од денеска целата јавност ќе може да ја следи реализацијата на капиталните инвестиции за секое министерство, дирекција, агенција, односно секој буџетски корисник одделно, и преку тоа да влијае на институциите да го подобрат извршувањето. На веб-страницата на Министерството за финансии е објавена нова алатка за транспарентност, која покажува колку од капиталните расходи предвидени со Буџетот секоја институција има реализирано досега – како процент од планираното и апсолутен износ, како и колку треба да се реализира до крајот на годината.

Министерката за финансии Нина Ангеловска неодамна ја најави оваа алатка, во насока на зајакнување на транспарентноста и на дисциплината на институциите да ги реализираат проектите што ги најавиле при кроење на буџетот.

– Во дигиталната ера имаме широк простор за подобрување на фискалната транспарентност. Освен отчетноста кон јавноста за трошењето на државните пари, фискалната транспарентност има улога и на коректор. Имено, ако јавноста лоцира дека одредена институција има помала реализација на капиталните инвестиции од очекуваното, преку јавното мислење ќе може да влијае на таа институција да го подобри перформансот. Се разбира, оваа алатка е само една од повеќето мерки за унапредување на процесите на буџетирање и извршување на Буџетот. Програмата за управување со јавни финансии вклучува бројни реформи меѓу кои и интегриран информациски систем за управување со јавни финансии, со кој ќе се подобри целокупниот процес, од планирање до реализација на расходите – вели Ангеловска.

Алатката, што ја покажува реализацијата на капиталните инвестиции по институција, на веб-страницата на Министерството за финансии ќе објавува нови податоци на месечно ниво.