26/11/2024
Охрид

Нова опрема за брза и прецизна молекуларна детекција на генетски материјал (ДНК/РНК) на различни микроорганизми во ЦЈЗ Охрид

Центарот за јавно здравје Охрид продолжува со воведување на нови дијагностички методи за микробиолошка анализа на хуман материјал, со цел да одговори на потребите на сите пациенти и лекари, за брзо, точно, успешно и ефикасно дијагностицирање и следење на различни состојби.

Со помош на најсовремен инструмент, со високософистицирана и сензитивна молекуларна технологија, на принцип на детекција на генетски материјал (ДНК/РНК) од различни бактерии, вируси и нивни продукти, во Центарот за јавно здравје Охрид, за релативно кратко време се добиваат резултати за детекција на патогени микроорганизми во примерок на фецес (измет)/ назофарингеален брис (брис од нос)

Во моментов, во микробиолошките лаборатории на Центарот за јавно здравје во Охрид, на располагање се тестови за:

1. Детекција на микроорганизми прeдизвикувачи на гастроинтестинални (цревни) инфекции и труења со храна

a. Детекција на токсини на бактеријата Ентерохеморагична Еscherichia coli и тоа: Verotoxin 1 и 2, Intimin, Haemolysin, EIEC/Shigella, EAggEC, Verotoxin 2f

b. Детекција на токсини на бактеријата Clostridium difficile и тоа: toxin A и B, GDH, Binary toxin

c. Детекција и диференцијација на различни типови Салмонела 

2. Детекција/скрининг на MRSA (тип на бактерија-Метицилин резистентна стафилокока која е резистентна на многу антибиотици, а е причинител на интрахоспитални инфекции кои се тешки за лекување)

На овој начин, користејќи високо софистициран инструмент на база на молекуларна технологија, Центарот за јавно здравје во Охрид им овозможува на лекарите за неполни два часа, да добијат точни показатели за правилно и навремено дијагностицирање на одредени здравствени состојби кај пациентите со цел ефикасен третман на истите.


WebOhrid / 15.04.2024 / Центар за јавно здравје Охрид