18/11/2024
Спорт

Нова победа на Македонија без примен погодок за прво место во Лига на нации

Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол.

Македонската фудбалска репрезентација ја победи Летонија со 1:0 во претпоследниот натпревар од групната фаза на Лигата на нации и дефинитивно го потврди првото место во групата и пласманот во поквалитетна Б лига.

Избраниците на Благоја Милевски не постигнаа водечки гол од неколку полуприлики во првото полувреме, но во продолжението притисокот кон противничкиот гол донесе резултат и тоа во 57. минута, кога во противничкиот шеснаесетник одлично се снајде Никола Серафимов.

Нашиот дефанзивец донесе водство, по наш корнер, а потоа и асистенција од Зајков и го постави конечниот резултат, бидејќи до крајот немаше промени и Македонија стигна до нова победа во својата група.

Македонија со 13 бодови е убедливо прва и во следното издание на Лигата на нации ќе игра во поквалитетната Б лига. 

Благоја Милевски – селектор на македонската А репрезентација:

“Им честитам на фудбалерите за трпението и решителноста, стигнавме до тешка, но сепак заслужена победа. Ја остваривме најважната цел, а тоа е пласман во Б дивизијата”. 

“Знаев дека ова ќе биде поразличен натпревар од тој во Рига, но стигнавме до победата, иако можеби требаше да постигнеме уште некој гол, за порано да ја потврдиме. Тешко е напаѓачите да дојдат до израз кога играте против екипа со толку густа одбрана”. 

Натпреварите од групната фаза ги завршуваме со меч против Фарски Острови во недела од 15:00 часот на Националната арена “Тодор Проески”.


15.11.2024 / ФФМ