НовАсном: Западот е нестабилен наш сојузник
НовАсном цени дека пораката на американскиот сенатор Крис Марфи дадена при неговата посета на Република Македонија но и на амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, се скандалозни и без преседан и дека всушност, ниту тие, ниту претседателот Бајден и неговата администрацијата, немаат разбирање за чувствата на Македонските граѓани а уште помалку за Македонските национални интереси и идентитески проблеми што се јавија со Преспанскиот и Бугарскиот договор. Македонските граѓани оправдано се прашуваат каков е тој стратешки партнер кој се заканува и поставува ултиматуми и кој не ја препознава и почитува огромната посветеност на Македонија кон евроатланските интеграции и европскиот пат но и болните отстапки што се направени во таа насока. Зошто тие немаат сенс за валоризирање на тешките одлуки и политички отстапки што Македонија, на своја штета ги направи за напредување во евро-атлантските интеграции?
Сенаторот Марфи треба да знае, навистина да знае, дека нашиот пат кон ЕУ е премногу долг и дека нивните стратешко-пријателски „совети“, за уставните измени што треба Македонија да ги направи до крајот на годинава, а кои ни ги наметнаа како обврска по ќејфот на нашиот источен сосед-најсиромашната членка на ЕУ, до срж болат и ја параат душата на секој вистински Македонец.
НовАсном го потсетува сенаторот Марфи дека, Македонија заглави во Европската интеграција како резултат на неисполнувањето на обврските кои Западот, чиј предводник е САД, ги имаше према нас. САД и ЕУ, на Македонија и ветија почеток на преговорите со ЕУ, ако го промениме уставното име, нашето вековно име, Република Македонија. Оваа политичка гарнитура, ја свитка кичмата, името го дадоа, против слободумната воља на народот, изразена на 30 Септември 2018. САД и ЕУ и Западот во целина, даденото ветување за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, не си го исполнија.
Со ова се потврдува дека на Западот не треба да му се верува, дека Западот не ги исполнува своите договори со своите сојузници и стратешки партнери и дека, Западот е нестабилен наш сојузник.
Кога на сето ова ќе ги додадеме и срамните идентитески уцени содржани во Францускиот предлог, тогаш апсолутно е јасно зошто е огромна и оправдана нашата тотална скептичност према понудениот пат кон ЕУ.
НовАсном јасно и гласно го отфла вака понудениот т.н. пат кон ЕУ каде што ние-Македонците, треба самите да се откажеме од себе си.
Сметаме дека сплотеноста и единството на Македонците, сега како никогаш досега во историјата, треба да биде силно и нескршливо и дека тоа ќе е формулата за формално отфрлање на Бугарскиот и Преспанскиот договор и враќање на името Република Македонија онака како што кажува нашата воља изразена на два референдума 8 Септември 1991 и 30 Септември 2018.
Нашата нација има квалитетни кадри што ќе предложат вистински реформи за напредок на македонската држава каде што секој граѓанин ќе има еднакви можности за просперитетен живот во здрава животна средина а идни генерации Македонци, својата иднина да ја градат во современа и вистински демократска држава-Република Македонија
WebOhrid / 29.05.2023 / НовАсном