26/11/2024
Охрид

Нови факти за животот и делото на Кузман Шапкарев

Во рамките на одбележувањето на двојниот јубилеј -185 години од раѓањето и 110 години од смртта на Кузман Шапкарев, што го организираат Општина Охрид и НУ Библиотека „Григор Прличев“, денеска за новите факти за животот и делото на познатиот македонски преродбеник, охриѓанецот Кузман Шапкарев, зборуваа професорката Татјана Дурнева и проф. д-р Томе Груевски. Одбрани делови од неговото богатото собирачко дело на народни умотворби, презентираа Елена Кецкароска и Петар Лекоски од ОСУ „Св.Климент Охридски“.

Првите запишани наши народни умотворби датираат од 14 век, но периодот на романтизмот и културната преродба во Македонија, во 19 век, е период на најголема  ангажираност на нашите културни работници  во собирањето и објавувањето на нашето народно творештво. Собирачката дејност на Кузман Шапкарев  траела околу три децении.Собирал најмногу македонски народни умотворби , но и од другите балкански народи – рече професорката Татјана Дурнева. Таа појасни дека покрај собирањето и публикувањето на народните умотвори  големиот Шапкарев во нив имал редакторски и стилизаторски  зафати, со што се вредуваат во почетоците на македонизмот.

-Со своите журналистички текстови по нивната бројност и значење Шапкарев е на рангот на Рајко Жинзифов и Јордан Константинов-Џинот. Припаѓа на генерацијата  на Константин и Димитар Миладинов, Партенија Зографски, Григор Прличев, Ѓорѓија Пулески, Марко Цепенков, Рајко Жинзифов, Јордан Хаџи Константинов, Ѓорче Петров и други наши предбеници – истакна проф. д-р Томе Груевски, притоа соопштувајќи досега непознати поединости за богатата журналистичка дејност на Шапкарев.

Вечерва, во рамките на манифестацијата, во НУ Библиотека „Григор Прличев“, со почеток во 18 часот, по повод  60 години живот и 40 години од излегувањето на првата книга „Гравири“ од Славе Ѓорѓо Димоски, ќе биде промовирано дополнетото изание на неговиот поетски првенец. За творештвото на Славе Ѓорго Димоски ќе беседи  проф. д-р Димитар Пандев.