Нови рокови и начин на пријавување на приходи од кирија, капитална добивка, продажба на сопствени земјоделски производи, приходи од странство и други приходи
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на РМ“, бр.190/2017), од 1 јануари 2018 година се воведе нов начин на пресметување и плаќање на персонален данок на доход, со поднесување на Електронска пресметка (е-ППД) до Управата за јавни приходи преку системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk
Граѓаните (резиденти и нерезиденти на Р.Македонија) кои остваруваат приходи од други физички лица во земјата, како и граѓаните-резиденти кои остваруваат приходи од странство, имаат обврска да поднесат Електронска пресметка за приход и данок (е-ППД), и тоа за:
1) Приходи од имот и имотни права (издавање на имот на друго физичко лице) – до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е склучен договорот или по месецот на издавање.
Во случај на склучен договор за цела година, се поднесува Електронска пресметка (е-ППД) за цела година, односно за времетрањето на закупот. На пример, кога граѓанин издава стан на друго физичко лице за цела 2018 година се поднесува една пресметка е-ППД за период од 01.01.2018 до 31.12.2018 година.
Доколку времетраењето на закупот е пократко од 31 ден во еден месец, односно се издава преку веб страни booking, airbnb и сл. се поднесува по една Електронска пресметка (е-ППД) за секој поединечен остварен приход. На пример, кога граѓанин во текот на еден месец издава стан по неколку дена на повеќе закупци се поднесуваат пресметки е-ППД за секој остварен приход, односно за секој различен закупец за соодветниот период на престој во станот.
За повеќе информации во врска со пријавувањето и плаќањето на персонален данок за приходи од имот и имотни права преземете ја Брошурата „Оданочување на приходи од имот и имотни права (закупнина)“ (види http://www.ujp.gov.mk/mk/publikacii/pogledni/69)
2) Капитални добивки од продажба на хартии од вредност, недвижен имот и учество во капиталот – до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е извршена продажбата или во кој е заверен договорот за купопродажба.
На пример, до 10.02.2018 година имате обврска да поднесете Електронска пресметка (е-ППД) за продажба извршена во Јануари 2018 година.
3) Приходи од странство – до 10-ти во месецот за приходите остварени во претходниот месец.
На пример, до 10.02.2018 година имате обврска да поднесете Електронска пресметка (е-ППД) за остварените приходи од странство во текот на Јануари 2018 година.
4) Лични примања од дипломатски, односно конзуларни претставништва на странски држави, кај претставници и службеници на такви претставништва кои имаат дипломатски имунитет и за кои даночниот обврзник сам го утврдува и уплатува данокот – до 10-ти во месецот за приходите остварени во претходниот месец.
На пример, до 10.02.2018 година имате обврска да поднесете Електронска пресметка (е-ППД) за остварените лични примања во текот на Јануари 2018 година.
5) Други приходи (приходи остварени со е-трговија преку специјализирани интернет страни, приходи од интернет маркетинг услуги, приходи остварени со продажба на корисен цврст отпад, исплатите на име специјализации, постдипломски студии и др.) – до 10-ти во месецот за приходите остварени во претходниот месец.
6) Приходи од продажба на сопствени земјоделски производи на физички лица надвор од продажни места на зелени пазари – до 10-ти во месецот за приходите остварени во претходниот месец.
Регистрирајте се на системот е-Персонален данок!
Обврска за регистрација на системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk има секој граѓанин, заради пријавување на приходите и задолжително поднесување на Електронска пресметка (е-ППД) до Управата за јавни приходи.
Напомена: Странско физичко лице, односно нерезидент на Република Македонија, се регистрира како корисник на системот со ЕДБ доделен од УЈП.
Постапката за регистрација на е-Персонален данок е лесна и едноставна. Единствен услов за регистрација на системот е да имате валидна е-пошта, која ќе биде корисничко име (user name) за ваша најава на системот e-pdd.ujp.gov.mk и ќе ви служи за комуникација со Управата за јавни приходи. На најавната страна на системот е-Персонален данок има дел за регистрација на нов корисник на системот, во кој треба задолжително да ги внесете своите идентификациони податоци.
Врз основа на внесените податоци, автоматски се генерира вашето Барање за регистрација на системот е-Персонален данок, кое треба да го испечатите и да го поднесете лично во надлежната даночна канцеларија на УЈП и да приложите документ за идентификација или пак лично да го поднесе вашиот полномошник и да приложи документ за негова идентификација и полномошно заверено на нотар. Службено лице од УЈП ќе ја верифицира вашата регистрација на системот е-Персонален данок истиот ден, по што треба да се најавите на системот.
Специфичности при регистрацијата на нов корисник на e-pdd.ujp.gov.mk:
- Доколку сте регистрирани во системот е-Даноци etax-fl.ujp.gov.mk како овластено лице за потпишување за ПДД, автоматски сте регистрирани и како корисник на системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk. Со оваа регистрација може да ја поднесувате Електронската пресметка (е-ППД) и за себе за остварените приходи.
- Со првата регистрација на системот e-pdd.ujp.gov.mk може да пријавите и свој полномошник кој ќе го ополномоштите по еден или по двата основи: за поднесување на електронска пресметка преку системот е-Персонален данок и/или за потврдување и корекција на пополнета Годишна даночна пријава. Полномошникот може да биде само лице кое е веќе регистриран корисник на системот e-pdd.ujp.gov.mk
- Ако вие или избраниот полномошник не сте евидентирани како даночен обврзник во Регистарот на даночни обврзници на УЈП, потребно е претходно да се регистрирате како даночен обврзник, со поднесување на Пријава за регистрација УЈП-РДО и доставување на документ за идентификација на увид во даночна канцеларија на УЈП.
Поднесување на Електронска пресметка (е-ППД) и плаќање на персоналниот данок
Пополнете ја Електронска пресметка на приход и аконтацијата на данок (е-ППД) преку e-pdd.ujp.gov.mk во зависност од видот на приходот кој го остварувате. За повеќе информации во врска со пополнувањето на пресметката е-ППД преземете ја брошурата „Пресметување и плаќање на е-Персонален данок на доход“ http://www.ujp.gov.mk/mk/publikacii/pogledni/67
По одобрување на Електронската пресметка (е-ППД) од УЈП, електронски се доделува Фолио број и се издава Рекапитулација за утврдување на аконтација на персоналниот данок на доход со статус „Одобрена“ и Налог за плаќање на персонален данок на доход, односно налози за плаќање на месечни аконтации на персонален данок на доход.
Налогот за плаќање на месечни аконтации на персонален данок на доход должни сте да го платите најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец.
Поддршка на корисници
За сите прашања, можете да не контактирате преку Инфо центарот на УЈП 0800 33 000 и 02/3253 200, или преку е-пошта: info@ujp.gov.mk
Најчесто поставуваните прашања и одговори поврзани со измените на законот и новите даночни процедури за персоналниот данок на доход ќе бидат објавувани на ИНФОРМА (види http://kontaktcentar.ujp.gov.mk:8090/ISKnowledgeBaseExternal/Question).