Ново издание на „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“
„Нашиот холандски пријател А. ден Долард“ од Мишо Јузмески е сигурно најпознатата македонска книга меѓу Холанѓаните. Оваа книга беше една од причините поради кои нејзиниот автор доби посебно место во најновото издание на туристичкиот водич за Mакедонија на холандската автомобилска асоцијација ANWB, заедно со св. Климент Охридски, Гоце Делчев, Мајка Тереза и други познати македонски личности.
Во „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“ Јузмески ја дава својата македонска перспектива на холандско-македонските односи опишувајќи ги животот на најчитаниот холандски писател на сите времиња и неговите најпознати книги за Македонија, романите „Ориент Експрес“ и „Свадбата на седумте Цигани“. Преку овие книги, но и како новинар со бројни статии, А. ден Долард на Холанѓаните им даде поттик за посетување на Македонија со што неговите сонародници со децении се вбројуваат меѓу најбројните посетители на Охрид.
Оригиналното издание на „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“ на македонски јазик се појави во почетокот од 2012 година. Истата година беше објавен англискиот превод на книгата и таа побуди големо внимание кај холандската читателска јавност со што се наметна потребата од превод на холандски јазик. Во 2013 година беше објавено холандското издание во превод и редакција на Холанѓанецот Херард Пулвејк. Исцрпувањето на првото издание и продолженииот интерес за книгата кај холандската читателска јавност го наложија повторното објавување на холандски јазик. Книгата беше отпечатена деновиве и таа наскоро ќе го најде својот пат до читателите.
Издавач на сите досегашни изданија на „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“ е НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид. За изгледот на корицата се погрижи авторот на книгата.