Новогодишно обраќање на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Ме прашуваат што е среќата? Koгa сме задоволни, сигурни, кога семејството е обезбедено, децата имаат иднина, државата е средена. Кога сте почитувани, a вашата работа вреднувана. Кога можете да добиете правда, а институциите работат и ви служат вам. Среќа е кога ова што го кажав станува реалност, но реалноста покажува дека токму ова се работите кои недостасуваат. А годините поминуваат. Крајот на годината е одличен момент да се средат мислите и впечатоците.
Во годината што измина паметам црно и мачно време. Нема подобар живот, економијата не расте, нема инвестиции, здравство и образование се пред колапс. Наместо тоа, афери, скандали, руинирано и клекнато судство, притисоци… Сакаат да станеме апатични поради колективната несреќа која ја донесоа. Да се навикнеме на тешкиот живот, да ја нарушат самодовербата, да го скршат карактерот, за да може полесно се да им минува. Очигледно не си ги познаваат граѓаните доволно, ги потценуваат.
Кога ми беше најтешко во годината што помина? Кога го менуваа името, посегнаа по идентитетот. Длабока рана оставија.
Во новата година потребно е да погледнеме во очите на луѓето, за да допреме до нивните срца. Да видиме што ги мачи и да се обидеме да им ги решиме проблемите. Да видиме што ги прави среќни и да им ја засилиме нивната среќа. Едноставно е, и како принцип, и како филозофија и како труд.
Ама треба работа. Треба да се засукаат ракавите, да се жртвува слободното време, да се намалат удобствата на политичарите за да се зголемат удобствата на граѓаните.
Потребна е нова визија, во која промената треба да биде основниот двигател. Не оди веќе вака. Секој од нас треба да се запраша дали имаме уште 30 години за тапкање во место? Дали сакаме нашите деца да ги трпат искушенијата кои ние ги трпевме? Затоа промената треба да започне од секој од нас, така ќе ја промениме и сегашноста, и ќе обезбедиме подобра иднина. Ви гарантирам. Драги пријатели, бидете промената која сакате да ја остварите.
А, каква ќе биде годината што следува? Ќе има победа над црнилата. Искрата е веќе запалена. А сите заедно ќе ја донесеме зората. Силно ќе светне ден. Ова ќе биде година на одлуки, но и година на промени. Среќата е можна и таа ќе дојде. Свитканата кичма не е нашиот ген, ние исправени ќе се соочиме со предизвиците и ќе победиме. Нова генерација, која ќе донесе нов импулс, ново време и заедничка среќа.
Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците и сите останати, имаме исти проблеми, но и заеднички сон за подобра иднина. Македонија ќе оди во Европа, но европеизацијата мора да тргне преку однесувањето и промената на принципите дома и веднаш. Македонија ќе биде економски успешна, затоа што народот е домаќински, работлив, вреден, и народот ќе се избори за убаво и светло секојдневие.
Што посакувам? Успеси! Се разбира. Посакувам Македонија да успее! Посакувам новата година да ви биде бериќетна, со добро здравје и семејна среќа. Посакувам исполнување на желбите и бидете свои, единствени, со крената глава.
Нека изгрее зората која ќе донесе ново утро, нова надеж и подобри времиња за сите граѓани на Македонија!
Нека ви е среќна новата година!