21/02/2025
Охрид

НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид годинава ќе реализира 17 проекти со средства од Министерството за култура и туризам

НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид за оваа 2025 година конкурираше со 25 проекти а ќе добие близу 1 160 000 денари за реализација на 17 проекти во кои Министерството за култура и туризам го препозна националниот интерес.

Во годишната програма за работа на Библиотека и годинава доминираат 15 проекти од библиотечната дејност. Радува фактот што Комисиите и министерот за култура Зоран Љутков препозна позитивен исчекор но и континуитет во дел од нив, вели в.д директорката на установата Христина Трпеска и додава:

– Првиот проект манифестацијата Прличеви беседи веќе успешно го реализиравме. Следуваат: Третата годишна средба на роднокрајните писатели, Читаме гласно и раскажуваме, Книгата најдобриот другар на децата, Книгата поблиску до старите лица кој успешно се реализира во соработка со Црвен крст – Охрид и Натпреварот Млади библиотекари. Ќе има средства и за работата на книговезницата, заштита на движното културно наследство и за обработка и зајмување на библиотечен материјал. Посебна Комисија во библиотеката веќе работи на избор на нови наслови со што ќе се збогати книжниот фонд во детското и одделението за возрасни, годинава ќе бидат издвоени 450 000 денари, за 100 000 денари повеќе од лани. Ќе продолжиме со заштитата на стари и ретки книги по пат на конзервација и реставрација, а ќе има пари и за континуирани обуки на вработените и за набавка на два компјутери и печатач. За прв пат годинава во соработка со Лајонс клубот Деница ќе организираме трибини под наслов: За поубав свет и Хортикултурни библиотеки. Во овој проект планирана е средба и работилница на претставници од библиотеки од регионот, сврзана со 5 јуни Светскиот ден на животната средина, вели в. д директорката Трпеска.

Во издавачко – литературната дејност Министерството за култура на Библиотеката и одобри еден проект. Второто издание на фестивалот на поезијата Слушни го езерото планиран за 21 јуни – Денот на Езерото а во соработка со библиотеките од Струга и Поградец.

Во делот на инвестициите годинава библиотеката доби средства за изработка на основен проект за реконструкција на покривот.

Надвор од годишната програма финансирана од страна на Министерството за култура и туризам од библиотеката најавуваат и низа други настани плод на креативноста на вработените а финансиски делумно покриени од сопствени средства, Општина Охрид и други спонзори и донатори.


WebOhrid / 20.02.2025 / НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид