НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид и Универзитет ФОН заедно во акцијата „Подари – размени книга“
Во чест на 2 Април Светскиот ден на литературата за деца, втора година по ред студентите од Факултетот за странски јазици при ФОН и НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид заедно во акцијата „Подари – размени книга“.
Од 2 до 5 април книги ќе разменуваат ученици од петтите одделенија од сите основни училишта од општините Охрид и Дебрца.
Идејата е преку размена на книгата читателите да дојдат до нови интересни четива и сознанија и како што често се вели – да им се отворат нови светови.
Вработените на ФОН универзитетот деновиве се вклучени во акцијата за собирање книги кои ќе бидат разменени а подоцна донирани.
Колку книги што ќе донесат учениците на размена, толку ќе може да си понесат за себе. Останатите ќе ги задржи библиотеката и ќе ги донира постепено на оние на кои им се потребни.
„Прличевата одаја “ во библиотеката од вторник до петок следната недела ќе биде отворена од 10 до 15 часот за размена на книги.
Дојдете заеднички да ја споделиме радоста на читањето и размената на книги, порачуваат од НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и ФОН .