22/11/2024
Охрид

Нурнати во минатото, загубени во катакомбите

Непроценливо е УНЕСКО наследството на Рим, некогаш центар на моќна империја чии граници се протегале на три континенти, а денес метропола со околу три милиони жители. Факт за тоа е податокот дека, нпр. само Ватиканските музеи ги посетуваат шест милиони посетители годишно, со што се четвртиот најпосетуван музеј во светот. Овој огромен музејски комплекс каде се изложени вредни колекции на уметнички дела е формиран во 16ти век, а по заслуга на Папите кои владееле во наредните векови, збирката секоја година се збогатувала.

Ерасмус плус проект од типот клучна акција 2 – стратешки партнерства и размена на перцепциите за значењето на културното наследство и неговите вредности за локалното население и посетителите, насловен „Обединети во различноста: УНЕСКО регионално наследство во рамки на европскиот идентитет“ на кој охридската гимназија се јавува како носител, а мобилноста во Рим како дел од проектот, беше можност за група ученици: Теодора Николовска, Мила Ложанкоска, Кристина Гулицоска, Емилија Наумоска, Миахаела Протугер и Мартин Јанески со псих. Алберта Гулицовска и проф. Александра Томоска да престојуваат таму недела дена во период од 11 – 15 март како гости на гимназијата „Аристотел“ сместена во квартот ЕУР Лаурентина и да ги продлабочат своите познавања за културното наследство на земјата домаќин, Италија.

Дел од активностите како презентации проследени со дискусии, работилници, квиз, работа во мешани интернационални групи, се одвиваа во училиштето, но поголемиот дел поради темата на проектот се одвиваа на терен, со посета на многу прочуени атракции предводени од учениците домаќини во улога на водичи, како Фонтана ди Треви, Шпански скали, урнатини на Римскиот Форум со Колосеум, Пантеон, термите на Каракала, катакомби Сан Калисто (дел од групата доцнеше со излегувањето бидејќи се „загубила“). Посета на Остиа Антика и морето во Лидо Остиа кои вообичаено не се дел од туристичките аранжмани, беа прилика за запознавање на пошироката зона околу градот. Во слободното време после предвидената задолжителна агенда, учениците интензивно се дружеа на пикници и заеднички вечери во некои од фамилиите каде беа сместени, а едно попладне го посветија на модерните знаменитости како шопинг молот Еурома 2. Токму ова слободно време им овозможи да се запознаат и го почувствуваат животниот стил на италијанците, нивните навики, обичаи и секако храната, типичната италијанска кујна. Последниот ден, по заминувањето на учесниците на тимовите од Чешка и Унгарија, охридските гимназијалци имаа слободен ден кој го поминаа со врсниците од Италија во парк во областа Вила Боргезе на брдото Пинчо каде максимално уживаа возејќи се со изнајмените кајчиња по езерцето. Пријателски врски создадени уште од ноември при нивната посета на Охрид, продолжија и се продлабочија за време на ова посета, а се надеваме дека ќе продолжат и во иднина.

Целта на проектот е ревалоризација на културното наследство на УНЕСКО, развивање на комуникациски вештини, естетски стандарди и критичкото мислење, социјална интеграција и учење на начините на интерпретација на културното наследство и неговото презентирање на други иновативни начини, поттикнување на иницијативи за одржлив туризам, а со тоа и идентитетот.

Ова драгоцено искуство на гимназијалците, беше и прилика да се осведочат колку италијаните се горди на својата култура, колку се длабоки нивните познавања за истата и да ја потврдат тезата на проф. Паола Дубини во книгата «Con la cultura non si mangia» Falso! или во превод „Со култура не се јаде/живее“ Неточно!“ од Универзитетот Бокони од Милано дека владеат лажни стереотипи за културата воопшто, како тие дека културата не служи за ништо, ги интересира само малкумина, не носи приходи и слично. Спротивно на тоа, споредувајќи ја културата и креативните сектори со дизел на економијата, со факти и бројки докажува дека таа носи приходи, а со поголеми вложувања во неа може да носи уште поголеми приходи во иднина. Културата е воздухот кој го дишеме.