Обединети во различноста – Ерасмус+ проект на охридската гимназија
Проектот го обработува интегрираното наследство кое вклучува заштитени природни подрачја со нивната уникатност, како нашето езеро кое е не само најстаро во Европа, туку изобилува со биодиверзитет, вински регион Токај од Унгарија со вулканска почва, а од друга страна Рим со своето непроценливо културно наследство, или пак Република Чешка со бројните УНЕСКО локалитети, со регионот на Пилзен кој, покрај познатото пиво е проечуен и по биосферниот резерват наречен „зелениот покрив на Европа“ кој ги опфаќа Баварската шума и областа Шумава.
Тема на нашата апликација е препознаена како универзална вредност која покрива повеќе училишни предмети, па со таков интердисциплинарен приод прави интересен пресек и полесно се врежува во меморија. Увидовме дека познавање на културното наследство недостасува, ѝ е на ниско ниво кај младите, од причина што не е застапено во училишните програми и курикулуми – изјавуваат Алберта Гулицовска, Ерасмус координатор во гимназијата и проф.Надица Николоска од проектниот тим.
Вкупната вредност на проектот е во износ од сто и осум илјади евра, од кои на охридската гимназија како носител и главен координатор на проектот Европската комисија ѝ додели триесет илјади евра.
Тринаесет европски средношколци во моментов се гости во домовите на охридските гимназијалци. Следуваат нови „мобилности“каде тие ќе ги заменат улогите, и гостите ќе ја преземат улогата на водичи низ УНЕСКО наследството на нивните земји.