26/11/2024
Македонија

Обединети за Македонија денешниот говор на Иванов го оцени како говор на партиски службеник на ДПМНЕ

Партијата Обединети за Македонија испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

„Обединети за Македонија денешниот говор на Иванов го оцени како говор на партиски службеник на ДПМНЕ, задолжен за односи со јавноста кој никако да ја свати и разбере својата улога како “татко на нацијата“.

Иванов како носител на највисоката функција во државата треба да престане со извртување на фактите. Кога веќе критикува, зошто не им упати критики на сваровски судиите од тевтерчето на Горде, како и на довчерашниот јавен обвинител, кои илјадници недолжни лица зедоа на врат, преку наместени процеси и лажни заштитени сведоци.

За него правдата завршува таму каде што бил реваншизмот, а никако да погледне кон Белата палата на ДПМНЕ. Никако не дозволи да ги стигне правдата неговите миленици, кои едно време ги помилува, па се откажа, па покажува знаци дека повторно размислува како рецидив, на истата бранова должина.

Иванов треба јасно и недвосмислено да каже дека криминалот мора да биде казнет, а криминалците од ДПМНЕ, ќе треба да си лежат.

Освен обврски, граѓаните имаат и права, а тоа и Иванов го видел и за пратениците, за кои рече дека некои сме ги виделе со лисици на рацете, и дека имале имунитет, но, никако да каже дали тој Имунитет, предвидува и умисла, за да се отвараат и собраниските врати, на потенцијалните убијци и терористи, за да го линчуваат владеачкото парламентарно мнозинство, заедно со премиерот Заев.

Порачуваме Иванов да се освести и свати дека во оваа држава има многу повеќе граѓани кои исто така имаат права, и кои од него очекуваат одговорност и државничко однесување, како Претседател и татко на нацијата, зошто и за заштитниците на криминалот и криминалните здруженија постои правда, одговорност, па и лисици.“ – стои во соопштението.