25/11/2024
Македонија

Обезбедени 465 милиони денари за зголемување на капитациониот бод за матичните лекари

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, на денешната прес-конференција, на која се обратија и министерот за здравство Венко Филипче  и директорите на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев и Орхан Рамадани, информираше дека вредноста на  капитациониот бод за сите избрани, односно матични лекари во примарното здравство се зголемува за 8 денари.

„За ова зголемување се обезбедени  речиси половина милијарда денари, односно 465 милиони денари од Буџетот на Република Северна Македонија. Пари на граѓаните на нашата земја, кои сега се враќаат кај нив како поддршка за работата на матичните лекари за помотивирани здравствени услуги. Го зголемуваме и надоместокот за приватните специјалисти стоматолози по протетика и орална хирургија. Наместо сегашните 90.000 денари ќе добиваат 103.000 денари месечно, односно 15 проценти зголемување. Висината на надоместокот на приватните специјалисти-ортодонти од 97.000 денари се качува на 111.000 денари месечно, односно приближно 15 проценти зголемување. Има зголемување на надоместокот  за сите останати приватни специјалисти од другите дејности кои имаат договор со Фондот, и тоа зголемување изнесува околу 15 проценти исто така, за што се обезбедени вкупно  62,5 милиони денари“, истакна премиерот Заев, додавајќи дека ова е уште едно остварено ветување од Програмата на Владата.

Тоа,  како што оцени премиерот Заев е една од мерките, заедно со повисоките плати во секундарното и терцијарното јавно здравство, и со поголемата вредност на дежурствата, со кои се спречува одливот на медицинскиот кадар од јавното здравство, а граѓаните добиваат подобри и поширок спектар на здравствени услуги.

Зборувајќи за најновата мерка во рамки на реформите во примарната здравствена заштита, министерот Филипче рече дека  таа не значи само зголемување на сумата на средства кои што овие лекари ја земаат, туку и обезбедување поголем број услуги и превентивни мерки кои што највеќе ќе ги почувствуваат граѓаните односно пациентите во нашата земја.

„Овие мерки ќе го олеснат третирањето и водењето на хроничните болести коишто досега не им беа на располагање во рамките на примарната здравствена заштита“, рече министерот Филипче, кој упати благодарност за помошта при реализацијата на најновите реформи, на делегацијата на Европската Унија кај нас и на евроамбасадорот Самуел Жбогар, за помошта при сеопфатната анализа на здравствениот систем на секундарно и терцијално ниво, на Светската Банка за анализата на здравствениот систем во примарното ниво и Светската здравствена организација која помогнала во евалуацијата и анализата на искуствата од други земји.

Директорите на ФЗО, Ден Дончев и Орхан Рамадани се осврнаа на тоа дека покрај подобрување на материјалните и техничките капацитети на матичните лекари во примарното здравство, со најновите мерки се остварува и  поголема ефикасност.

„Осигурениците, односно пациентите ќе добијат квалитетна здравствена услуга уште во ординација. Така ќе се намали потребата за понатамошно упатување. Со тоа ќе се растоварат лекарите и здравствениот систем на секундарно и терцијарно ниво, а се поттикнува превентивата во примарната здравствена заштита“, истакна директорот Ден Дончев.

Директорот Рамадани оцени дека со овие мерки се  олеснува и административната работа во примарна здравствена установа при што ќе биде воведено кодирање, односно шифрарник на услуги на матичните лекари.

„Во Фондот планираме подобрување на методологијата за плаќање на матичните лекари во примарната здравствена заштита преку вреднување на квантитетот и квалитетот на пружените здравствени услуги, согласно медицина базирана на докази“, рече директорот Рамадани.

Претставниците на Фондот за здравство информираа дека е донесена Одлука, од 1 ноември годинава да се зголеми и надоместокот за аптеките со кои Фондот има склучено договор, за издавање на лекови на рецепт од 16 на 18 проценти, додека надоместокот за скапите лекови ќе изнесува 180 денари по рецепт.

Оваа мерка, комбинирано со неодамнешното укинување на квотите на аптеките, ќе придонесе кон уште поефикасно, квалитетно и непрекинато издавање на лекови на рецепт кои се на товар на Фондот за здравствено осигурување.