Објавен е конкурсот за доделување стипендии за ученици во Спортската академија за учебната 2017/2018 година
Врз основа на член 12 – а од Законот за спортска академија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/14, 129/15, 146/15, 30/16 и 142/16) и Правилникот за начинот и посебните критериуми за доделување на месечна стипендија на ученици во спортска академија („Службен весник на Република Македонија” бр.191/15), а согласно Решението за распишување Конкурс за доделување на стипендии за ученици во Спортската академија за учебната 2017/2018 година, бр. 12-13582/1 од 13.11.2017 година Министерството за образование и наука распишува
КОНКУРС
за доделување стипендии за ученици во Спортската академија
за учебната 2017/2018 година
Министерството за образование и наука за учебната 2017/2018 година ќе додели стипендии за учениците запишани во Спортската академија во Република Македонија.
I. УСЛОВИ ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИЈА
Право на стипендија имаат учениците кои се запишани во Спортската академија во Република Македонија, а ги исполнуваат следните услови:
1. Да се редовни ученици во Спортската академија (од II, III и/или IV година);
2. Во текот на претходната учебна година да имаат постигнато најмалку општ успех многу добар 4,00 (четири) и одличен успех 5 (пет) од изборниот предмет тренинг од избраниот спорт на крајот на учебната година;
3. Да не повторувале година во текот на образованието;
4. Да не се корисници на стипендија од други институции или фирми и
5. Да се државјани на Република Македонија.
II. НАЧИН И РОК НА ПРИЈАВУВАЊЕ
Учениците кои се пријавуваат по конкурсот, треба да пополнат барање поставено на следниот линк http://konkursi.mon.gov.mk, почнувајќи од 14.11.2017 година до 27.11.2017 година.
Списокот со учениците кои ќе се стекнат со правото на стипендија ќе бидe објавен на 10.12.2017 година на интернет порталот www.mon.gov.mk и во Спортската академија.
III. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ
Учениците кои се пријавиле електронски потребно е да ги достават следните документи:
1. Барање,
2. Испечатена електронска пријава со идентификационен број ,
4. Потврда дека е редовен ученик во учебната 2017/2018 година, издадена од Спортската академија;
5. Заверени на нотар фотокопии од свидетелствата за завршена прва, втора и/или трета година на образованието;
6. Изјава потпишана од родител – старател дека кандидатот не е корисник на друга стипендија, објавена на следниот линк www.mon.gov.mk и
7. Изјава од родителот/старателот за обработка и користење на неговите лични податоци и личните податоци на ученикот, со која кандидатот се согласува Министерството за образование и наука по службена должност да ги обезбеди потребните документи, објавена на следниот линк www.mon.gov.mk.
Со поднесување на бараните документи на кандидатите им се препорачува да достават и копија од трансакциска сметка на која би ги добивале парите во случај да добијат стипендија.
Министерството за образование и наука по службен пат го прибавува уверението за државјанство на Република Македонија од Министерството за внатрешни работи.
IV. МЕСТО И РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТИ
Учениците кои се пријавиле електронски на конкурсот, до Министерството за образование и наука на ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, Скопје, во истиот период од 14.11.2017 година до 27.11.2017 година, од 09 – 15 часот, ги доставуваат документите утврдени во глава III од Конкурсот.
Кандидатите нема да бидат рангирани ако доставената документација е:
– некомплетна и/или
– ненавремено доставена.
IV. ВИСИНА НА СТИПЕНДИЈАТА
Висината на стипендијата ќе изнесува 3.000,00 денари месечно за девет месеци во текот на учебната година.
Учениците кои ќе добијат стипендија ќе склучат договор со Министерството за образование и наука со кој ќе се уредат правата и обврските.