Објавен видео конкурс на тема „Зошто Европа си ти“
По повод овогодинешното одбележување на Денот на Европската Соработка, Интерег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Република Северна Македонија објави видео конкурс на тема „Зошто ЕВРОПА СИ ТИ?” .
Учесниците се поканети да подготват кратко видео на македонски јазик или на англиски јазик, направено со паметни телефони со максимално времетраење од 40 секунди. Конкурсот е отворен за сите граѓани кои живеат во регионите на прекуграничната соработка помеѓу двете соседни земји, како и за сите средношколци и студенти.
Видеата треба да одговорат на прашањето: „Како Европа е во твоја корист”, односно „Зошто ЕВРОПА СИ ТИ?” што е слоган на овогодишната кампања на Денот на Европската Соработка 2019.
Според условите на конкурсот, подготвените видео презентации треба да се достават на адресата jts-ipa-cbc@mou.gr најдоцна до 30-ти јуни 2019 година. Жирито формирано од Програмата, ќе избере група финалисти, а победничкото видео ќе биде изгласано на денот на изложбата имено, на денот на одбележувањето на Европската Соработка која ќе се одржи во текот на месец Септември / Октомври, 2019 година. Победничкото видео ќе добие признание и паметен часовник како награда.
Општина Охрид како и секоја година ќе даде поддршка на активностите за одбележување на Денот на Европскатa Соработка.
Повеќе детали за видео натпреварот може да прочитате на веб страницата на Програма на следниот линк.