22/11/2024
Македонија

Објавени се резултатите од конкурсот за сместување во ученички домови за учебната 2021-2022 година

Министерството за образование и наука информира дека објавени се резултатите од Конкурсот за прием на ученици во јавните ученички домови во Северна Македонија за учебната 2021/2022 година и истите можат да се погледнат на следниот линк

Примените ученици можат да се сместат во соодветниот ученички дом почнувајќи од 31.8.2021 година. При сместувањето, учениците, раководствата и вработените водомовите задолжително да се водат согласно насоките наведени во Протоколот за постапување при сместување на ученици во Јавните ученички домови во Република Северна Македонија во учебната 2021/2022 година.

Кандидатите чии апликации не се прифатени, во следните три работни дена имаат можност за приговор кој се доставува до Министерството за образование и наука (ул. „Св. Кирил и Методиј“, бр. 54, 1000 Скопје). 

Согласно конкурсот кој беше објавен за оваа намена, право на сместување во ученички дом имаат учениците кои ги исполнуваат следните услови: да се запишани како редовни ученици во средното образование во учебната 2021/2022 година; да се државјани на Република Северна Македонија; да се запишани на наставен план и програми кои не се застапени во општината, односно градот Скопје каде ученикот има постојано место на живеење; училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 25 километри од постојаното место на живеење и да има организирано јавен превоз; училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 10 километри од постојаното место на живеење и нема организирано јавен превоз.

Оваа година учениците за прв пат имаа избор да аплицираат за сместување во ученички дом електронски со пополнување на електронска пријава и прикачување на соодветната документација на https://e-uslugi.mon.gov.mk , или со достава на потребната конкурсна документација директно во ученичкиот дом.