22/11/2024
Македонија

Обраќање на премиерот Заев за кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“

Почитуван претседател на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, почитувана постојана координаторке на ОН, Луиза Витон, почитуван министер за труд и социјална политика, почитуван министер за образование, почитувани пратеници, почитувани пратенички, почитувани претставници на амбасадите и Ваши екселенции кои сте вечерва присутни овде, почитувани сограѓани,

Дозволете веднаш на самиот почеток, во име на Владата на Република Македонија, да ја пренесам пораката “Никој да не биде изоставен, да ставиме крај на насилството врз жените и девојките”. Со оваа порака денес се приклучуваме на глобалната кампања 16 дена активизам против родово засновано насилство.

Се заложивме како Влада, заедно со граѓаните на Македонија, да го менуваме нашето општество кон подобро и да создаваме институционален и граѓански амбиент на почитување на сечиви права, на сите заедници, но и на сите индивидуи.

Определени да градиме општество втемелено на принципите на родова еднаквост, правична и правна држава во којашто секој ќе се чувствува безбедно и спокојно, цврсто застануваме зад заложбата за нулта толеранција спрема секоја форма на насилство врз жените и девојките.

Насилството врз жените е кршење на основните човекови права. Ние како Влада ветивме пред граѓаните на Република Македонија дека ќе работиме на унапредување на човековите права и затоа сме посветени на системско унапредување на родовата еднаквост и елиминирање на сите форми на насилство врз жените.

Работиме на јасни и недвосмислени законски решенија со коишто се спречува насилството и се штитат жените жртви на насилство. Донесовме одлука за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција). Исто така се унапредуваат потребните услуги за поддршка и заштита на жените жртви на насилство.

Воведовме е-модули за родова еднаквост за целата администрација со цел јакнење на нивните капацитети за креирање политики што се родово сензитивни и коишто одговараат на потребите на сите граѓани. Во таа насока и родово одговорното буџетирање ќе продолжиме да го унапредуваме во сите институции, се со цел да се осигураме дека нашите стратешки приоритети ќе бидат преточени во конкретни акции.

Почитувани, насилството врз жените не е само женско прашање, туку прашање кои се однесува на секој еден од нас. Токму затоа мора да работиме заеднички да ставиме крај на истото. Ве охрабрувам и поканувам сите заедно, институции, граѓански организации, меѓународни организации, активистки и активисти, да кажеме и покажеме дека навистина нема толеранција за насилството врз жените и девојките во нашето општество.

https://www.youtube.com/watch?v=uKDpaCUuIFc