Обраќање на претседателот Иванов на 16. Европска подунавска конференција за геотехника
Почитувани присутни,
Дами и господа,
Како претседател на Република Македонија, чест ми е да бидам покровител на 16. Европска подунавска конференција за геотехника. Фактот дека оваа значајна конференција се одржува кај нас е признание за Република Македонија, и затоа им честитам на домашните и странските организатори.
Наредниот месец ќе се одбележат 55 години од катастрофалниот скопски земјотрес. Точно 5 секунди беа доволни за да остават 150 000 луѓе без покрив над главата, да нанесат немерлива човечка и огромна материјална загуба. Но, нашиот главен град беше обновен благодарение на солидарноста на светот и професионалноста на геотехничките инженери. Геотехничките инженери беа меѓу најодговорните за поставувањето на здравите темели на новиот и поотпорен град.
Денес, Република Македонија се поврзува со европските транспортни коридори. Се градат патишта, тунели и мостови, се развиваат индустриски капацитети. Се разгранува и продлабочува протокот на луѓе, стоки, капитал и услуги. И сето тоа има една цел, а тоа е повисок економски раст и развој за македонските граѓани.
Но, за економскиот раст и развој да биде одржлив, повторно ни е неопходна експертизата на геотехничките инженери.
Нашиот регион, за жал, не е имун на катастрофите. Сето она, што сме го наследиле од претходните генерации, сето она, што нашата генерација го создава може да исчезне за само неколку секунди. Драстичните климатски и метеоролошки промени што се на повидок ќе го зголемат ризикот од хидролошки непогоди во Европа.
Сложеноста на природата сè уште ги надминува тесните теориски и научни модели на човекот. И покрај сиот научен и техничко-технолошки развој, ние како човештво сè уште не можеме да ги спречиме сите непогоди. Но, она што можеме да направиме е да спречиме тие да прераснат во катастрофи. А, тоа ќе го постигнеме ако ги зајакнеме нашите институции со знаења, капацитети и ресурси, кои се неопходни за ефективна и за ефикасна превенција, одговор и ублажување на последиците во согласност со Рамката од Сендаи. За да ја градиме нашата инфраструктура врз цврсти и здрави темели можете да ни помогнете само вие, геотехничките инженери. Со ваша помош ќе можеме да му предадеме побезбедна иднина на нашето потомство.
Како покровител на оваа значајна Меѓународна конференција, уверен сум дека ќе придонесе во изнаоѓањето на неопходните практични и применливи решенија на овие геотехнички предизвици. На самиот крај, ви посакувам успешна конференција и убав и пријатен помин тука, во Република Македонија.
Ви благодарам.