Обраќање на претседателот Иванов на доделувањето на признанието „Македонски квалитет 2017 година“
Обраќање на претседателот Иванов на доделувањето на признанието „Македонски квалитет 2017 година“
Почитувани стопанственици,
Дами и господа,
Драги пријатели,
Неколку години по ред сум покровител на доделувањето на Признанието за македонски квалитет. Зад ова Признание стои огромна работа, посветеност и визија за промоција на квалитетот и македонската традиција.
Се вели дека квалитетот не е случаен чин, туку постојана навика. Во тоа има голема вистина. Како општество ние ќе успееме само ако стекнеме навика да создаваме квалитет.
Сојузот на стопански комори постојано вложува во унапредувањето на економскиот раст на компаниите и помага во реализација на нивните визии. Со тоа придонесува кон правилно насочување на економските текови и градење на економската стабилност во земјава.
Комбинирајќи го економскиот развој и македонскиот идентитет вие создавате национален успех со кој се гордееме. Со поддршка од државните институции, бизнис секторот забрзано ќе не движи во нова декада на успешна Македонија.
Македонската економија не е голема, но затоа е отворена. Ако сакаме да го одржиме долгорочениот раст и развој, неопходни се неколку чекори. Пред се, потребно е да ја поддржуваме извозната ориентација на домашните компании. Понатаму, ако мудро менаџираме со националните ресурси, ако ги унапредуваме домашните бизниси и истовремено вложуваме во одржливост и унапредување на странските инвестиции во земјата, ќе оствариме успех.
На светскиот пазар мора да бидете препознатливи по одличниот квалитет, конкурентната цена, зашто таму нема толеранција за импровизација. Во таа смисла, охрабрува фактот што повеќе македонски компании постигнаа значајни резултати и во земјава и во странство. Со тоа само и ја отежнаа работата на комисијата која требаше да ги избере најдобрите од најдобрите.
Ова признание е дотолку позначајно бидејќи се доделува во период кога и светската, европската, па и нашата македонска економија се уште се соочуваат со последиците од глобалните кризи и предизвици. Регионалните проблеми бараат регионални решенија. Стопанските комори можат да направат многу за изнаоѓање решенија. Како куќа на бизнисот, Комората треба да има клучна улога во обезбедувањето поддршка на компаниите кои се стремат кон успешен настап на странските пазари. Како Претседател на Република Македонија, ја користам секоја прилика за промоција на македонските компании и нивните производи и услуги на постоечките и нови пазари. Бидејќи верувам дека од успешниот пласман на македонските производи и услуги зависи просперитетот на Македонските бизниси.
Со задоволство можам да кажам дека овие 10 компании неуморно работат за да му покажат на светот дека големината на една земја не го ограничува потенцијалот за да создаде успешни светски брендови. Најдобро е кога други зборуваат за вашиот бренд ,а вие сте препознатливото лице на економијата на нашата држава.
На самиот крај, им честитам на годинешните добитници, а на другите членки на Сојузот на стопански комори им посакувам следната година да остварат одлични резултати.
Ви благодарам.