26/11/2024
Македонија

Обраќање на претседателот Иванов на Глобалниот форум за лидерство во Истанбул

Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа,

Како Претседател на Република Македонија, но и како универзитетски професор, чест ми е да се обратам на Глобалниот форум за лидерство на престижниот Универзитет „Бахчишехир”.

Темите за кои ќе дискутираме се многу важни: крстопатот на меѓународните алијанси, одржливиот мир на Блискиот Исток, иднината на Европската Унија. Кон нив ќе додадм уште една.

Во текот на краткиот 20 век доминираа националните држави и меѓународните организации. Но, со крајот на Студената војна, блоковскиот снег се стопи, и на виделина се појави сета сложеност на светот и на цивилизациите кои го сочинуваат. Тоа придонесе одново да се врати свеста и интересот за проучување на цивилизациите.

Првиот кој го направи тоа беше Самуел Хантингтон кој уште пред четврт век тврдеше дека во глобалната политика во 21 век ќе доминира судирот меѓу цивилизациите.

Но, наместо судир меѓу цивилизациите, Нил Фергусон предвидува судири во рамките на самите цивилизации. Кога има две цивилизации од кои едната слабее, а другата станува посилна, прашањето не е дали тие ќе се судрат, туку дали послабата од нив ќе пропадне. Оттука е дилемата дали наместо за судир меѓу цивилизациите може да се зборува за пропаст на цивилизациите.

Пропаста на цивилизациите е поврзана со една група автори која долго време беше заборавена. Во својата книга „Цивилизација: Западот и другите” Фергусон констатира дека денес тешко кој ги чита Шпенглер, Тојнби и Сорокин.

Оваа констатација како да дава одговор на едно прашање што на почетокот на милениумот го постави канадскиот професор Томас Хуглин. Имено, тој праша дали, заведени од просветителството, во изминатиов период сме читале погрешни книги и сме цитирале погрешни автори?

На тоа јас ќе додадам уште едно прашање: Дали сме се ориентирале според погрешни мапи? Гледајќи ги мапите на нашите бироа и ѕидови, како да заборавивме дека светот не е рамен, туку кружен, дека не е дводимензионална мапа, туку тродимензионален глобус. Можеби поради тоа го гледаме светот линеарно, наместо кружно. А, и деформираната Меркаторова проекција што се користеше околу 400 години беше евроцентрична и ја претставуваше Европа поголема отколку што навистина е. Но, кога зборувам за мапи не мислам само на картографски, туку и на теоретски, ментални мапи што ни помагаат да се ориентираме во светот на идеите. Таквата погрешна перцепција на географијата и теоријата придонесе да имаме и погрешна перцепција на историјата.

Фергусон и Хуглин, за жал, се во право. Ако повеќе се читаа авторите како Шпенглер, Тојнби и Сорокин, ние немаше да бидеме заробеници на статична претстава за динамичен свет и линеарно сфаќање на циклична историја. Носителите на одлуки немаше да бидат изненадени од крајот на Студената војна, од враќањето на цивилизациите, па сè до десекуларизацијата на светот.

Освалд Шпенглер во својата книга „Пропаста на Западот”, се обидува да објасни што се случува со западната цивилизација. Тоа го прави со помош на концептот псевдоморфоза, што го позајмува од минералогијата. Тоа е феномен во кој даден минерал создава своја форма, но притоа ја губи внатрешната структура. Таа празна форма ја исполнува нов минерал. Со други зборови, надворешната форма е различна од внатрешната структура. Според него, нешто слично се случува и со западната цивилизација.

Арнолд Тојнби, пак, тврди дека секоја цивилизација се соочува со предизвици. И колку е потежок предизвикот, толку покреативно треба да биде решението. А решенијата ги даваат креативните малцинства кои ја менуваат парадигмата на мнозинството и создаваат услови за нов начин на живот. Крајот на една цивилизација започнува тогаш кога нема да успее да одговори на клучните предизвици. Проучувајќи ги животните циклуси на 26 светски цивилизации, Тојнби ќе заклучи дека цивилизациите не се убивани, туку дека тие се самоубиваат.

За разлика од Шпенглер и Тојнби, Сорокин тврди дека ниту една од големите култури и цивилизации целосно не исчезнала, туку дека живее преку сите материјални и нематеријални вредности што им ги пренела на другите цивилизации.

Сорокин се обидува да ги надмине двете основни концепции за социо-културната динамика. Наместо линеарната и цикличната концепција, тој ја застапува концепцијата на осцилација. Таа осцилација подразбира дека секоја голема култура или цивилизација минува низ три фази: Првата е идеацијска или духовна. Втората е сензациска или материјална. Третата е идеалистичка и претставува дијалектичка синтеза на двете претходни.

PRM_Istanbul_5Слично како претходните автори и Сорокин смета дека Западот е во криза. Во таа криза на современата западна сензациска култура исчезнува граничната линија меѓу вистината и лагата, меѓу исправното и погрешното, меѓу убавото и грдото, меѓу позитивните и негативните вредности. Многу од предвидувањата на Сорокин од 1957 година веќе се остваруваат.

Тој вели дека со атомизацијата на вредностите човекот ќе биде лишен од своето вродено достоинство. Денес, 60-тина години подоцна, идеологијата на постхуманизмот заговара симбиоза меѓу биологијата и технологијата со што се редефинира што значи да се биде човек. Истовремено, семејството како заедница на маж и жена, на родители и нивните деца, се дезинтегрира.

Сорокин предвиде и релативизирање на вистината и манипулирање со јавното мислење преку лажни вести. Сигурно се сеќавате дека пред само две години зборот на годината беше „поствистина”.

Тој предвиде дека општествените договори ќе обезвреднат. Без почитување на дадениот збор ќе исчезне и довербата во системот. Доволно е да ја погледнеме состојбата со меѓународното право. Република Македонија седум години чека да се испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 2011 година во однос на грчката блокада за НАТО. Една од ретките членки на НАТО, кои дословно ја почитуваат пресудата е Република Турција која секогаш принципиелно го користи нашето уставно име. И за тоа сме многу благодарни.

За жал, се остварува и тврдењето на Сорокин дека личната безбедност сè повеќе ќе се намалува. Со зачестените терористички напади, животот во Европа станува како руски рулет, бидејќи не знаете каде ќе се случи нешто.

Тој исто така кажа дека слободата ќе биде сведена на мит за мнозинството. Наместо да ја гарантира, безбедноста ќе ја заменува слободата. А Бенџамин Френклин рекол дека кој се одрекува од слободата заради безбедноста, не ја заслужува ниту слободата, ниту безбедноста. Ова е кризата на последниот преживеан идеал на Француската револуција, а тоа е идеалот на слободата.

Сорокин тврди дека луѓето ќе бидат отуѓени од нивните неотуѓиви човекови права и слободи. Денеска прогонувањето на луѓе со различна вера и уверување е сè поизразено, не само во несекуларни, туку и во развиени и секуларни општества. Некои, како Оз Гинис, дури го поставуваат прашањето дали денес Обединетите нации воопшто би можеле да ја усвојат Универзалната декларација за човекови права.

Сè на сè, периодот на криза го одликува имитација, наместо креативност, летни бестселери наместо класици, форма наместо суштина, минливи сензации наместо трајни вредности, информација наместо знаење и мудрост.

Но, Сорокин не е толку мрачен како што можеби изгледа на прв поглед. За разлика од Шпенглер и Тојнби, тој не заговара и не предвидува смрт на западната цивилизација. Кризата на западната цивилизација е само фаза што одминува.

Незнаењето за новиот свет што се раѓа носи страв. Многу корпорации и држави направија бизнис од стравот. Инсталираме антивирусни програми за да ги заштитиме мобилните и компјутерите од хакери, вградуваме видео-камери за да ги обезбедиме домовите од крадци, купуваме животно осигурување за да ги обезбедиме животите од несреќи, се одрекуваме од слободата во име на безбедноста. Стравот стана најголем бизнис.

Можеби, пак, стравот од новиот свет на дигитална трансформација е поради отсуството на сигурноста што нашата аналогна генерација ја имаше во стариот свет.

Оптоварени од исчезнувањето на стариот свет, ние не го согледуваме потенцијалот на новиот свет што се раѓа. А тоа е свет во кој младите веќе функционираат според sharing philosophy и практикуваат sharing economy. Наместо индивидуални корисници и конзументи, тие го споделуваат пристапот кон производите и услугите. Користат blockchain за да не губат време на банкарските шалтери. Младите од милениумската и од Y-генерацијата сега се на универзитетите и таму ја чувствуваат моќта на отворениот сајбер-простор. А тој отворен сајбер-простор се состои од виртуелна Александриска библиотека, односно Google, но и виртуелниот пазар, односно Amazon, eBay, AliBaba, AliExpress. Дигиталната трансформација им овозможува на младите да развијат Start up менталитет, да бидат креативни и иновативни, а со тоа да станат она што Тојнби го нарече креативно малцинство што ќе го поведе светот напред.

Нудејќи оптимизам, но без утопизам, Сорокин остава простор за катарза и обновување на суперсистемот. Во тој процес на катарза се раѓа нов свет во кој сензуалниот суперсистем му отстапува место на идеационалниот и идеалистичкиот суперсистем. Тој предвидува дека наместо атомизирани, вредностите повторно ќе станат универзални и апсолутни.

PRM_Istanbul_4Дами и господа,

Цивилизациите ја имаат големата кохезивна моќ да поврзуваат. Сингапурскиот професор Кишор Махбубани забележува дека се случува голема конвергенција на светот. За подобрување на светскиот поредок, тој нуди три предлози.

Прво – отворена глобална дебата во мултилатералните институции. Дијалозите треба да ги заменат монолозите во Обединетите нации и другите организации. И Универзитетот „Бахчишехир” е вклучен во таа отворена дебата преку овој Глобален форум за лидерство.

Второ, напуштање на анахроната политика кон мултилатерализмот. Како што на светскиот поредок му требаат ефективни мултилатерални институции, така на институциите им е потребно меѓународно право. Старите меѓународни институции треба да се адаптираат за предизвиците и можностите на третиот милениум. На пример, Европската заедница, односно, Европа 1.0 во 1993 година прерасна во Европската Унија и со тоа се создаде Европа 2.0. Сега е време Европската Унија да се прошири и продлабочи и да стане Европа 3.0.

Трето, потребна е нова глобална етика. Припаѓаме кон иста морална заедница која има свест за човековите права и слободи. За прв пат во историјата, секој човек од Балканот, од Европа, може да ја оспорува одлуката на сопствената држава пред Судот за човекови права во Стразбур.

Драги пријатели,

Во 1957-та, пред 61 година, Сорокин пишува: „живееме, размислуваме и дејствуваме во најмрачниот час на ноќта што минува, со сите кошмари, колосални деструктивности и вознемирувачки хорори. Ако човештвото може да ја избегне катастрофата на светски војни, тогаш мугрите на нов, величествен поредок во човековиот универзум чека за да ги поздрави идните генерации”.

Како внимателен оптимист со искуство, односно реалист, сметам дека Сорокин има право. Затоа, кога ни се чини дека темнината натежнува и ситуацијата изгледа безнадежна, треба да се сетиме дека ноќта е најтемна пред разденување. Светлината најјасно свети во најмрачните моменти. И ни дава надеж и сила да продолжиме да чекориме кон нејзиниот извор. Да продолжиме и да не се откажуваме. Наместо само да констатираме проблеми, да нудиме креативни решенија.

Додека зборуваме се раѓа најмладата генерација која е предодредена да живее во 22 век. Наша одговорност е да ги подготвиме оние кои доаѓаат по нас да бидат морални и етички лидери со карактер, интегритет, понизност, фокус на луѓето, одговорност и страст. Да не се плашат од непознатото, туку храбро и мудро да се соочуваат со предизвиците, за конечно да запловиме во помирни води. Верувам дека сите ние заедно треба да инвестираме токму во такви лидери на иднината, за Македонија и Турција, за Балканот и Европа, за светот.

Ви благодарам.

PRM_Istanbul_9