Обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Почитувани граѓани на Република Македонија,
За политичкото, како и за физичкото насилство за настаните од 27 април, одговорност мора да има. Кој постапил спротивно на Уставот и законот треба соодветно да одговара. Но, одговорноста не смее да се генерализира. Мора да се почитуваат човековите права, да се почитува презумпцијата на невиност и да се внимава на квалификациите на кривичните дела.
Ја поддржував и сега ја поддржувам граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија” која повеќе од два ипол месеци, на мирен и достоинствен начин ја искажуваше грижата за националните интереси на Република Македонија. Граѓаните кои се сплотија и ја демонстрираа идејата за заедништво не се и не можат да бидат третирани како терористичка организација.
Секојдневно до мене пристигнуваат информации и загрижен сум за политичкиот реваншизам што е видлив на повеќе нивоа, од јавната администрација, до судско-полициските случаи. Со ова се внесува страв и несигурност што доведува до состојба на тензии и политичка дестабилизација.
Почитувани,
Во услови кога не очекува исполнување на многу превземени обврски за консолидација на општеството, како и на планот на европската и евроатлантската интеграција, целата енергија треба да е фокусирана кон градење консензус за национален дијалог и исполнување на реформите.
Со реваншизам и демонстрација на сила, се генерира поларизација на општеството, состојба во која не можеме да очекуваме напредок во реформските процеси.
Повикувам на разумно и одговорно однесување на сите надлежни институции кои мора да ги почитуваат Уставот и законите на Република Македонија. Секој е одговорен за своите постапки и свесен за последиците кои произлегуваат од нив.
Граѓаните на Република Македонија очекуваат решенија, а не проблеми. Граѓаните очекуваат поголема благосостојба и просперитет. Сите политички субјекти треба да служат за остварување на тие интереси на граѓаните.
На крајот, сакам да потсетам на нешто што го кажав изминатата година.
Нема ништо потрагично и поопасно од меѓумакедонскиот судир. Секогаш кога сме биле поделени, други нè окупирале, раселувале, преименувале и однародувале.