23/11/2024
Македонија

Обраќање по повод доделувањето Медал за заслуги за Македонија на Хајнц Брандл

Почитувани присутни, Дами и господа,

Создаден со потреба и самиот да создава, човекот придонесува кон градењето подобар свет за идните поколенија. Но, од сите градителски подвизи на човекот, од древните населби до најсовремените мегалополиси и паметни градови, опстануваат само оние кои се добро втемелени.

Геотехничките инженери имаат клучна улога во процесот на изнаоѓање на балансот меѓу физичките ограничувања на природата и човековите стремежи да ги надминат тие бариери. Тие треба со отворен ум да размислуваат надвор од шаблоните, да изнаоѓаат нови и иновативни решенија за предизвиците на природата.

Денес со нас е еден од врвните геотехнички инженери во Европа и светот, професорот Хајнц Брандл. Тој е теоретичар и практичар кој придонесува кон поместување на границите на возможното. Со неговата креативност и иновативност, професорот Брандл е инспирација и пример за многу луѓе од неговата струка.

Но, за неговите заслуги зборува не само значајниот научен придонес, туку и несебично споделување на знаењето што е карактеристика на вистинските лидери. Бидејќи само вистинските лидери сакаат да мотивираат и да охрабрат што повеќе луѓе. Тој им овозможил на многу наши магистранти и докторанти студиски престој на престижниот Технички универзитет во Виена. И со тоа им помогнал тие знаења да ги пренесат и применат кај нас, во Република Македонија.

Принципиелно заложувајќи се Друштвото за геотехника на Македонија да стане полноправна членка во меѓународната асоцијација за геотехника, тој покажа дека науката не прифаќа двојни стандарди. Тоа е лекција што некои носители на политички одлуки во Европската Унија и НАТО треба да ја научат.

Како еден од основачите на подунавско – европските конференции за Механика на почви и геотехничко инженерство тој се заложи Република Македонија да биде домаќин на оваа престижна конференција. Со тоа, професорот Брандл ја става Република Македонија на европската мапа на геотехничкото инженерство.

И затоа, за сето она што во изминатите децении го има направено за унапредување на геотехниката во нашата држава, чест ми е како Претседател на Република Македонија да му доделам Медал за заслуги за Македонија.