Обука за основни принципи на управување со организации и процес за изработка на стратегија за односи со јавност за синдикалните организации
Македонското здружение за заштита при работа е прва професионална невладина организација на стручните лица за безбедност при работа која 50 години успешно работи во областа на безбедност и здравје при работа. Од 2008 година организацијата е единствен Колаборативен центар на Меѓународната организација на трудот, додека од 2011 година е Focal Point на Европската агенција за безбедност и здравје при работа.
Години наназад, Македонското здружение за заштита при работа, изработува годишен извештај за несреќи при работа. Податоците за 2017 година, говорат дека сеуште се гине на работното место. Имено, изминатата година се случиле 158 несреќи при работа, од кои 24 се смртни случаи.
Потребно е вклучување на сите чинители кои делуваат во областа на безбедноста и здравјето при работа, за да се промени оваа состојба.
Со таа цел, Македонското здружение за заштита при работа во соработка со Организацијата на работодавачи на Македонија и Сојузот на Синдикатите на Македонија е во тек на реализација на проектот “Подобрување на вклученоста и влијанието на граѓанското општество во јавните политики за безбедност и здравје при работа и при донесувањето одлуки како подршка на државата во процесите на пристапување кон ЕУ” – ЕuropeAid.
Проектот е финансиран од Eвропската унија.
Главната цел на проектот е да се подобри вклученоста и да се зајакне влијанието на организациите на граѓанското општество во спроведувањето на клучните реформи во безбедноста и здравјето при работа, како и дијалогот и партнерството со регионалните граѓански организации од ИПА регионот.
Следна активност во рамки на проектот, од 17 до 19 септември 2018 година во хотел Аквалина во Охрид, ќе биде обука за организациски развој и управување на синдикалните организации.
Учесници на оваа обука ќе бидат претставници од регистрирани синдикални организации, чиешто делување е во насока на подобрување на работните услови и унапредување на правата на работниците.
Дел од темите кои ќе бидат обработувани се:
– Синдикално организирање; улога на синдикалните претставници во унапредување и зајакнување на синдикалното делување;
– Регрутирање ново членство преку креирање добра стратегија за односи со jавност, начини на комуникација со членство;
– Имплементација на стратегија за односи со јавност
– Вовед во застапување и лобирање итн.
Учесниците на обуките ќе се стекнат со и експертиза за процесите при креирањето политики и процедурите за успешен организациски развој и управување на синдикалните организации. Понатака, од нив се очекува да
влијаат при зајакнувањето на мрежните и комуникациските канали меѓу синдикалните организации и владините институции.