Обука за подготовка на раководниот и командниот кадар на Општина Охрид за заштита и спасување
Подготвка на раководниот и командниот кадар од просторните сили за заштита и спасување, во делот на превенција и делување во случај на природни непогоди и други несреќи, беше целта на обуката која беше организирана денеска во Општина Охрид.
Обуката ја спроведе Центарот за обуки при Дирекцијата за заштита и спасување и на неа учествуваа вработени во Локалната самоуправа кои се членови на Кризниот штаб, претставници на јавните претпријатија, претставници на противпожарната единица, претставници на единицата за планинско спасување и спасување на вода, медицински лица и претставници на други институции.
Пред почетокот на обуката, учесниците ги поздрави градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
-Како одговорна власт, согласно одредбите од Законот за заштита и спасување имаме донесено Програма за заштита и спасување, која предвидува превентивни и плански програмски мерки кои се преземаат со цел навреме да се откријат и спречат природни непогоди и други несреќи и да се отстранат последиците од настанатите природни непогоди во мир, воена и вонредна состојба.
Општина Охрид веќе има формирано Штаб за заштита и спасување која го предводам јас како командант. Во неговите рамки функционираат Просторна специјализирана единица за комунални работи во јачина на вод; Просторна специјализирана единица за прва медицинска помош со јачина на вод; Просторна специјална единица за противпожарна заштита со јачина на одделение и Специјална единица за планинско спасување и спасување на вода. Штабот, по потреба воспоставува постојана соработка со Подрачните одделенија на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи.
Преку овие активности создаваме услови за организирано делување и обезбедуваме можности за соодветна опременост и координираност на силите за заштита и спасување и за справување со кризни состојби, со една основна цел, а тоа е заштита на граѓаните, материјалните добра и природните ресурси. Очекувам оваа обука да овозможи соодветна подготовка на вработените во општината и сите кои се вклучени во заштитата и спасувањето на локално ниво и да ги пренесе сите потребни информации и практики на кризниот штаб, истакна Пецаков во своето обраќање.
Освен обуката за Штабот за заштита и спасување, во рамки на Програмата за заштита и спасување на Општина Охрид предвидени се и низа други активности кои ќе се водат и реализираат според системот за планирање, програмирање и буџетирање.
WebOhrid / 22.05.2023 / Општина Охрид