25/11/2024
Македонија

Од 1 октомври се укинуваат квотите за лекови и нив ќе ги има за сите граѓани во секое време

Укинување квотите за лекови во аптеките со што ќе се обезбеди редовен пристап до лекови на рецепт во текот на целиот месец и ќе се надмине проблемот со недостатокот на лекови, беше темата на прес-конференцијата на која за оваа мерка информираа претседателот на Владата на република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот Венко Филипче и директорите на Фондот за здравство, Ден Дончев и Орхан Рамадани.

Мерката ќе се применува од утре,  1 октомври.

„Мерката е многу значајна заради тоа што дефинитивно отстранува една тешкотија со која живееја граѓаните. Јас верувам дека заедно со целиот пакет мерки што ги воспоставуваме во здравствените услуги се отвора процес за обезбедување поквалитетно здравство за сите. Достапноста и навремениот пристап до лекови за граѓаните е многу значајна работа како дел од здравствениот систем како приоритет владата за сите граѓани од различни возрасти“, рече премиерот Заев. 

Тој посочи дека државата е во стабилна и ликвидна финансиска состојба и може да преземе еден вака храбар чекор, со кој, како што нагласи премиерот, се отстранува психолошката бариера од недостиг на лекови, која што досега постоеше, а паралелно со оваа мерка се зајакнуваат и контролните механизми за да се елиминираат злоупотребите.

„Одредени индиции укажуваа дека се правени кривични дела со рецептите, што секако како појава ќе бидат предмет на внимание и ќе се процесираат преку надлежните органи“, подвлече премиерот.

Премиерот Заев, нагласи дека ова е само една од мерките кои се преземаат за унапредување на здравствениот систем во Република Северна Македонија, на што се надоврза во своето обраќање и министерот за здравство, Венко Филипче, кој истакна дека со оваа мерка се решава едно прашање кое засегаше голем број граѓани.

„Со оваа мерка, го решаваме деценискиот проблем со недостатокот на лекови и обезбедуваме квалитетни здравствени услуги и лекови согласно потребите на граѓаните. Пациентите се нашиот главен фокус во здравствениот систем. Во месец август почна првата фаза од укинувањето на квотите во аптеките во Охрид, Ресен, Струга, Дојран и Гевгелија и овој пилот проект се покажа успешен“, рече министерот Филипче, подвлекувајќи дека граѓаните нема повеќе да стравуваат дека може да останат без потребниот лек, нема да прават залихи и лековите ќе се користат рационално. 

„Укинувањето на аптекарските квоти за лекови и воспоставувањето на нов електронски систем за подигање, овозможува повеќекратен бенефит за сите граѓани, пациенти, аптекари, лекари и медицински работници. Новиот начина на препишување и подигање на лекови е општествена вредност во интерес на сите“, оцени директорот на ФЗО, Дончев.

Тој заедно со директорот Рамадани ја објаснија процедурата на подигање на лекови на рецепт која ќе биде со лична карта на пациентите, потенцирајќи дека административната работа на Фондот ќе стане поефикасна и поевтина и ќе постои увид за евентуални недостатоци или застои во распределбата на лекови.

„Со легитимирање при подигање на лекот, граѓаните даваат свој придонес и го остваруваат своето законско право на одговорно и рационално трошење на средствата што ги издвојуваат за своето здравствено осигурување. Притоа нагласувам, постарите лица, деца под 18 годишна возраст, како и лица кои не се во состојба сами да ги подигнат лековите, не треба да стравуваат дека ќе останат без лек. Предвидена е можноста, во нивно име, нивни блиски да може да го подигнат лекот“, информираше директорот на ФЗО, Рамадани.