Од 21ви до 29ти јули „На зајдисонце“ во Трпејца
Здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“ од Охрид по осми пат – годинава од 21 до 29 јули ќе го организира Културно – забавното лето „На зајдисонце“.
Програмата е готова и се знаат речиси сите детали. И ова издание на манифестацијата финансиски е помогнато од Министерството за култура и Општина Охрид. Честа да ја отворат манифестацијата која од година во година привлекува сè повеќе туристи во оваа крајезерска населба им припадна на Фолклорниот ансамбл „Бисери“ под уметничко раководство на Татјана Узуноска Тренеска. На фолклорот и традицијата ќе им претходи отворањето на ликовната изложба на отворено – избор на дела од првото издание на Уметничката колонија „Трпејца 2018“ одржана во организација на истото здружение минатиот септември и помогната од Министерството за култура.
Првиот ден всушност ќе го отворат младите уметници – учесници на работилницата „Цртаме на зајдисонце“ под раководство на уметникот Слободан Пупиноски. Ден потоа, но и наредните денови творбите на младите уметници ќе бидат изложени на фестивалската сцена.
Понеделникот вечерта на 22 јули е резервиран за шлагери и серенади. Од Битола во Трпејца специјално доаѓа познатиот Сефедин Бајрамов за заеднички да се потсетиме на некогашните негови хитови. Концертот е насловен „40 години – Охридски спомени“ тоа е првата негова песна која всушност и му ја обележа кариерата. Со песна и вино Сефдин и публиката заедно ќе ги пеат старите, добри рефрени од златното време на македонските шлагери.
Во вторник 23 јули ќе започне Работилницата за театар со актерката Марија Новак чии плодови од неколку дневната работа публиката ќе може да ги види на 26 јули вечерта во Трпејца.
„На зајдисонце“ ја отвора својата мала сцена , но со големо срце и за гости надвор од Македонија. Истата вечер на 23 јули благодарение на нашинецот Александар Глигуроски кој има свој бизнис во Прага – и културни релации со општина Модра во Трпејца и Охрид ќе донесе над 80 членови на Фолклорно друштво и хор од Чешка.
Следните вечери на културно – забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца резервирани се за настапите на Куклениот театар „Си беше еднаш“ под раководство на Снежана Караџовска Попова, актерот Јован Цветкоски од НАТГ „Аматер“ од Охрид, дуото „ДИС“ Денис и Стефани, групата „Сарај“ од Охрид.
Посебна атрактивна е вечерта со младите музичари од ОМУ „Методи Патче“, „Вечерна променада – со кајче по езерото“.
Новина е дводневната работилница и настап на Клубот за модерен танц „Соната“ под раководство на Даниел Наумоски.
Од веќе традиционалните активности ќе бидат застапени: „Фаќаме риба на јадица“, кајакарската регата „Номче Митрески“ и прошетката низ Националниот парк „Галичица“ по патеката Чоколско.
Здружението „За Трпејца со љубов“ ги поканува сите заинтересирани да бидат дел од публиката и напоменуваат дека сите настани ќе се случуваат под ведро небо и се бесплатни за сите кои сакаат да учествуваат и да ги гледаат. И оваа година поддршка на манифестацијата даваат жителите на Трпејца и посебно сопствениците на кафеаните кои на свој начин ќе им посакаат добредојде на учесниците и гостите на манифестацијата.