Од 6-ти до 8-ми март ќе се одржи 55-тиот Мавровски меморијал
Во Маврово од 6 до 8 март ќе се одржи традиционалниот 55-ти Мавровски меморијал, спортска манифестација која го промовира Маврово и Република Македонија. И оваа година натпреварувањето ќе биде поддржано од Агенцијата за млади и спорт.
„Традицијата продолжува, но и остварувањето на нашата визија да се најдеме во европската и светската елита во нордиското скијање. Јас верувам дека ќе се покажеме како добри домаќини и организатори на овој настан, кој како ФИС натпревар е еден од најдобро организираните меѓународни настани на Балканот. Токму затоа, Агенцијата за млади и спорт, секоја година финансиски и логистички ја поддржува организацијата на овој меѓународен традиционален спортски натпревар,“ – истакна Дарко Каевски директор на АМС.
Тој упати апел до љубители на спортот и сите вљубеници во скијањето, да дојдат во Маврово и да ги поддржат македонските скијачи, но и да уживаат во се она што ќе го понудат натпреварувачите.
Натпреварот се одржува во чест на загинатите 38 градители на електросистемот Мавровска хидроцентрала и 14 храбри граничари кои загинаа од снежната лавина во 1956 година.
„На најсилното нордиско натпреварување на Балканот до сега учество пријавија околу 70 натпреварувачи од Македонија, Грција, Турција, Бугарија, Србија, Романија, Луксембург, а се очекува потврда од Хрватска,“ – информира македонскиот тренер Ѓоко Динески.
На патеката „Мирна Долина“ ќе се одржат трки на пет километри за жени и 10 километри за мажи, како и детски трки на 2,5 километри.