22/11/2024
Македонија

Од денес вакцинација на говедата против чвореста кожа

Согласно Годишната програма за здравствена заштита на животните, Aгенцијата за храната и ветеринарство од денес почнува со спроведување на вакцинација на говедата против болеста Чвореста кожа. Вакцинацијата ќе ја вршат овластените ветеринарни друштва заклучно со 31 мај. Со 230 илјади дози од вакцината, донација од Европската унија, опфатена ќе биде целата популација говеда во земјава.

Болеста Јазлеста кожа во земјава засега е ставена под контрола благодарение на претходните вакцинални кампањи и засега нема појава на нови случаи. Последниот случај на оваа болест кај говедата, по појавувањето во 2016 година, евидентиран е во јуни 2017 година во Кривопаланечко.

Паралелно со вакцинацијата на говедата против Јазлеста кожа, во Ветеринарно информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе се внесуваат географските координати за секое одгледувалиште одделно, со цел олеснување на постапката за контрола и исплата на субвенциите за сточарите.

За да се добие реална слика за бројната состојба на оваа категорија животни во фармите на цела територија на Република Македонија, ветеринарните друштва ќе ги ажурираат и податоците за бројната состојба на говедата во фармите, а со овој процес, за прв пат во земјава, ќе се спроведе и попис на копитарите ( коњи, магариња, мазги и мулиња), активност која е планирано да заврши до крајот на летото.