23/11/2024
Македонија

Од денеска, поевтини цени за услуги во роаминг во земјите од Западен Балкан до 99%

Граѓаните на Северна Македонија од денеска, при секое патување во земјите од регионот, односно во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора ќе можат да користат интернет, да испраќаат СМС пораки, да добиваат повици и да примаат повици за цени пониски дури до 99%. Ова денеска го најави министерот за информатичко општество и администрција, Дамјан Манчевски на прес-конференција.

Во прилог интегралното обраќање на министерот Манчевски, со претставување на новите цени за услуги во роаминг:

„Граѓаните на Северна Македонија од денес:

  • Ќе можат да вршат повици кон земјите од Западен Балкан по цена од 5,05 денари по минута (со ДДВ). Досегашната цена во просек беше 75,4 денари.
  • Ќе можат да примаат повици во било која од земјите од Западен Балкан по цена од 2,9 денари по минута (со ДДВ). Досегашната цена во просек беше 30,2 денари.
  • Ќе можат да праќаат СМС пораки од било која од земјите од Западен Балкан по цена од 2,6 денари (со ДДВ). Досегашната цена во просек беше 16,1 денар.
  • Ќе можат да користат интернет во земјите од Западен Балкан по цена од 1,9 денари (со ДДВ).

Цените се линеарни, односно важат за сите земји и за било кој оператор.

Намалувањето на цените изразено во проценти значи:

За Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора

  • 68% за појдовни повици
  • 31% за дојдовни повици
  • 71% за СМС и
  • 89% за користење на интернет

Процентуалното намалување за сите услуги во Албанија и Косово е над 93%.

Разликата во намалувањето на цените изразено во проценти се должи на тоа што во првата група се земји со коишто претходно имавме потпишано спогодба за намалување на цените на роамингот (Босна и Херцеговина, Србија и Србија), додека во втората група се земји каде што цените на роаминг услугите не беа регулирани претходно (Албанија и Косово).

Намалувањето на цените на услугите во роаминг, произлезе како заклучок од првиот Дигитален Самит што се одржа во Скопје, по што следуваше потпишувањето на договор помеѓу сите 6 држави на самитот во Белград.

Во изминатата година активно се работеше на реализација на овој договор. Во процесот беа вклучени регулаторите и мобилните оператори од земјите од Западен Балкан. Имаше и проблеми. Дел беа предизвикани од бизнис интереси, дел од техничка природа, а дел беа и политички. Сепак на крајот со голема поддршка, пред сѐ од владите на сите земји од регионот, на ЕК и на РЦЦ, успеавме. Тука сакам да ја истакнам и заложбата на АЕК, Телеком и ВИП како претставници од страна на нашата држава кои дадоа поддршка и помогнаа да се заврши овој процес. Сите заедно се обединивме со една цел, а тоа е конечно граѓаните на Северна Македонија слободно да ги користат услугите кога патуваат во земјите од регионот.

Сигурен сум дека ова ќе придонесе и за развој и олеснување на комуникцијата за тие кои редовно патуваат поради работни обврски, но и за оние граѓани кои туристички патуваат особено сега во летниот период.

Но, тука не застануваме. Одиме понатаму. На следната табела е прикажана динамиката на намалување на цените.

Како што може да се забележи на 1 јули 2021 година, корисниците воопшто нема да плаќаат за користење на роаминг услугите во шесте земји на Западен Балкан. Тогаш во сила ќе стапи целосно „Роаминг како дома“, по примерот на земјите од Европската Унија.

Овој договор беше предуслов за почеток на процесот за намалување на цените за роаминг и со ЕУ. Разговорите ќе ги иницираме веднаш, а целта ќе биде набрзо после 1 јули 2021 година да дојде и до вакво драстично намалување и на крајот укинување на роамингот помеѓу Западен Балкан и ЕУ.

Како што веќе имам повеќе пати кажано, 2019 година е година на реализација на крупни стратешки проекти за Владата и МИОА. Зборот е збор. Продолжуваме понатаму, во интерес на граѓаните на Северна Македонија.“