Од утре Ковид-19 тестови за патување достапни на Аеродромот Св.Апостол Павле – Охрид
Со почетокот на летниот распоред на летање на Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, а поради барањата на многу земји за задолжителен негативен КОВИД -19 тест, како предуслов за патување по воздушен пат, ТАВ Македонија заедно со Клиниката Жан Митрев и нејзината Лабораторија за генетика и персонализирана медицина, отсега овозможува КОВИД-19 тестови за патување, односно брзи антигенски тестови кои можат да се направат на охридскиот аеродром непосредно пред заминувањето на патникот.
Почнувајќи од утре (сабота, 8 мај), на Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид поставен е пункт за КОВИД-19 тестирање на клиниката Жан Митрев, кој се наоѓа во непосредна близина на влезот на терминалната зграда. Пунктот за КОВИД-19 тестирање на Лабораторијата на Жан Митрев, ќе работи на Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид секој ден кога ќе има летови до земјите кои бараат негативен брз антигенски тест, 4 часа пред времето на поаѓање до секоја од дестинациите.
Со оваа предност сега достапна на Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, покрај спроведените мерки за здравје и безбедност поради КОВИД-19 и новиот аеродромски протокол, ТАВ Македонија, како оператор на аеродромот, остварува уште една цел насочена кон безбедно патување.
Центарот за КОВИД-19 тестирање на клиниката Жан Митрев, ќе им обезбеди погодност на нашите патници кои патуваат од Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, особено до земјите на ЕУ/Шенген, така што ќе имаат доволно време да направат брз антигенски тест пред да влезат во терминалната зграда на аеродромот и да ги завршат аеродромските процедури, освен ако тие веќе имаат направено негативен КОВИД-19 тест пред нивното пристигнување на аеродромот.
За повеќе детали во врска со тестовите, ве молиме контактирајте ја лабораторијата Жан Митрев, на телефонскиот број +389 2 3091484 или посетете ја нивната веб-страница на следниот линк: https://zmc.mk/en/services/
Доколку патниците решат да направат антигенски тест на Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, а со цел да се избегне гужва и групирање пред терминалната зграда на аеродромот, апелираме патниците да пристигнат на аеродромот најмалку 4 часа пред времето на поаѓање .
Во моментов, на охридскиот аеродром, во пунктот за КОВИД-19 тестирање на Жан Митрев, можат да се направат брзи антигенски тестови и брзи PCR-тестови, одобрени од СЗО. За сите други КОВИД-19 тестови, ги повикуваме патниците да го направат тоа во овластена лабораторија пред да пристигнат на аеродромот.
Со оглед на моменталната состојба, во која земјите од ЕУ/Шенген зоната постојано ги менуваат правилата за патување поврзани со КОВИД-19 и имајќи го предвид фактот дека секоја земја независно прави промени во однос на ограничувањата за патување за граѓаните на Република Северна Македонија, апелираме до патниците пред нивниот лет да ги проверат најновите барања за патување со нивната авиокомпанија и Амбасадата на земјата во која планираат да пристигнат.